Секоја година производството на мед опаѓа, а, според количините, оваа година се очекува да биде полоша од минатата. Пчеларите велат дека климатските промени си го направиле своето и освен на намалувањето на количините, влијаат и на намалувањето на пчелите. Прв пат по 15 години, пчеларите се соочуваат со сериозни загуби на пчелните кошници, кои на одредени локации надминуваат повеќе од 20 отсто. Квалитетот на медот не е намален, но нема доволно количини за извоз. Најголем дел од домашниот мед се пласира на домашниот пазар, а тегла мед чини од 600 денари, па нагоре. Во маркетите може да се најде мед и за 300 денари, но и покрај тоа што има дозвола за продавање и е безбеден за користење, не е чист мед.
– Поради климатските промени, последниве години е сè потешко да се произведе мед, а приносите се сè помали. Освен тоа, имаме големи загуби на пчели. Оваа година пашата, која требаше да биде развојна, е уништена поради мразот. Наместо сега да е медобер, пчеларите ги прихрануваат пчелите поради лошите временски услови. Пред една недела имаше пониски температури и требаше да се интервенира за да преживеат пчелните семејства. Се надеваме дека ќе се подобри времето во наредните месеци и дека ќе имаме поголеми количини мед, но, сепак, тоа ќе биде под просекот. Ова ќе биде уште една година со потпросечни приходи и за пчеларите – изјави за весникот ВЕЧЕР Александар Тасески, претседател на Здружението „Мариовско-пелагониски пчелари“.
Тој апелира до пчеларите кога формираат нови семејства или вршат измена на матиците во старите семејства, да користат матици од нашиот автохтон вид аписмелифера македоника, кој е признат во светот како посебна раса.
Со оглед на тоа што 20 Мај е Меѓународен ден на пчелата, Тасески апелира до пчеларите да се зачува овој автохтон вид, бидејќи има тренд на користење на друг вид матици, кои не се од ова географско поднебје. Инаку, овој вид пчела најдобро се справува со предизвиците на ова поднебје.
Пчеларите велат дека минималната цена на една тегла мед изнесува 600 денари, а медот што се продава во маркетите по 300 денари е безбеден за користење, но нема хранливи и лековити својства како вистинскиот мед. Според нив, медот ќе биде сè поскап и ќе го нема.
– Годинава е катастрофална. Прв пат по 10-15 години се среќаваме со посериозна загуба на пчелните кошници. Загубите на одредени локации надминуваат 20 отсто од пчелните кошници. Поради тоа, оваа година очекуваме да биде намалено и производството на мед, иако е сè уште рано да се каже, бидејќи медоберот се врши во јуни-јули – вели за весникот ВЕЧЕР Гоце Мирчески, дипломиран земјоделски инженер што одгледува пчели.
Тој вели дека продажбата оди потешко, бидејќи последниве години цените се зголемени и се движат од 600 денари за тегла, па нагоре.
– Имам над 500 кошници со пчели и цел мед го продавам претежно на домашниот пазар. Имаше години кога имавме поголеми количини и извезувавме во Обединетите Арапски Емирати. Тоа е сериозен пазар, каде што е повисока цената, но се бара квалитет. Ние ги исполнувавме сите критериуми за квалитет, но немавме доволно количини – објаснува Мирчески.
Тој вели дека матичното седиште на пчелите му е меѓу Прилеп и Македонски Брод, а практикува и селидбено пчеларење, односно во текот на годината ги носи пчелите на други две локации. Освен кошници со пчели, тој има и еден пчеларник што е наменет за други пчелари, односно произведува матици и нуклеуси – пчелни роеви.
Пчеларите велат дека со климатските промени, секоја година е нов предизвик во пчеларството. Секоја година е различна од претходната и по бројот на пчели и по приносите на мед. Но, генерално може да се каже дека секоја година производството на мед опаѓа и е полоша од претходната.
(А. С.)