Иако официјално започна 10-дневниот прекин на огнот во Либан, и Израелските одбранбени сили и Хезболах велат дека нема да ја намалат напнатоста и ќе бидат во подготвеност. Доналд Трамп вели дека можеби нема да мора да го продолжи прекинот на огнот со Иран што истекува следната недела. Американските воени претставници ги предупредија иранските лидери дека блокадата на пристаништата ќе продолжи сè додека Техеран не го промени курсот.
- Десетдневниот договор за прекин на огнот меѓу Израел и Либан, претходно објавен од американскиот претседател Доналд Трамп, стапи на сила во четврток вечерта.
- езболах, кој го поддржува Иран и вели дека ќе се придржува до договорот, размени оган со израелските сили пред прекинот на огнот.
- Израелските одбранбени сили соопштија дека остануваат „во состојба на висока готовност“ и дека нема да се повлечат од своите позиции во јужен Либан за време на прекинот на огнот.
Во Либан се забележани прослави откако беше прогласен 10-дневен прекин на огнот за да се овозможат разговори меѓу израелските и либанските претставници за траен договор за безбедност и мир меѓу двете земји, соопшти американскиот Стејт департмент.
Американскиот претседател Доналд Трамп повтори дека договорот за завршување на војната со Иран е „многу блиску“, додавајќи дека разговорите со Техеран би можеле да продолжат во пакистанскиот главен град Исламабад уште овој викенд.
Светските лидери го поздравија прекинот на огнот меѓу Израел и Либан, кој стапи на сила, изразувајќи надеж дека тоа ќе го отвори патот за траен мир во регионот.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, изјави дека прекинот на огнот е „олеснување“, додавајќи дека конфликтот веќе одзел премногу животи и повика на „пат кон траен мир“ со целосно почитување на суверенитетот на Либан. Таа, исто така, нагласи дека ЕУ ќе продолжи да обезбедува хуманитарна помош за либанското население, додека претседателот на Европскиот совет, Антонио Коста, изјави дека Унијата ќе продолжи да го поддржува Либан.
Италијанскиот министер за надворешни работи, Антонио Тајани, го опиша прекинот на огнот како „клучен чекор“ за стабилноста на Блискиот Исток и изрази надеж дека тоа наскоро ќе доведе до мир. Дипломатијата на Обединетите Арапски Емирати испрати слична порака, нагласувајќи ја важноста од спречување на понатамошна ескалација и создавање услови за стабилност во регионот.
Денес, состанок на околу 40 земји за отворањето на Ормускиот теснец
Обединетото Кралство и Франција денес ќе претседаваат со состанок на сојузниците за повторно отворање на Ормускиот теснец. Според Канцеларијата на британскиот премиер, се очекува на состанокот да присуствуваат околу 40 земји, а фокусот ќе биде на зачувување на кревкото примирје во регионот и обезбедување слобода на пловидба низ теснецот.
Иран практично ја затвори оваа клучна поморска рута по нападите на САД и Израел, додека САД започнаа блокада на иранските пристаништа, што доведе до пораст на цените на енергијата на глобалните пазари.
Британскиот премиер Кир Стармер се очекува да порача дека „безусловното и итно“ повторно отворање на теснецот е „глобална одговорност“, а според поканата од Елисејската палата, ќе се разговара и за можното распоредување на одбранбена меѓународна воена мисија за заштита на пловидбата.












