Старата тартан подлога на атлетската патека на фудбалскиот стадион „Зоран Паунов“ во Велес е извадена и веднаш по празниците продолжуваат градежни работи за поставување на нова.
Средствата во висина од 19. 290.000 илјади денари или околу 200 илјади евра, за реализација на проектот се обезбедени од Министерството за спорт.
Златко Стојковски директор на ЈП „Парк спорт“, кое е надлежно и за Градскиот стадион, информира дека градежните активности се одвиваат според утврдената динамика.
Тој појасни дека е завршена првата фаза за вадење на старата руинирана тартан подлога, а целата количина е собрана и изнесена од стадионот. Во моментов се работи на подготовка на патеките за асфалтирање.
– Потоа, откако ќе се исуши асфалтот, што зависи од временските услови и подлогата ќе биде сува, ќе се пристапи кон последната фаза од реконструкцијата, односно поставување или монтирање на новата тартан подлога на атлетската патека на Градскиот фудбалски стадион во Велес – вели Стојковски.
Информира дека според потпишаниот договор краен рок за завршување на работите е мај, годинава.
Изведувач на градежните работи е фирмата ДЗИТПТ „Интеко“ ДООЕЛ од Скопје додека надзорен орган е фирмата „Вертекс Архитектура“ ДОО Скопје.
Инаку, атлетската патека на Градскиот фудбалски стадион е изградена во 1982 година. Во изминатите години многумина од надлежните ветуваа нејзина реконструкција.
Велешките атлетичари со години наместо на тартан патека трчаат на тврди бехатон плочи во Градскиот парк и велат дека едвај чекаат да заврши реконструкција и конечно да трчаат по удобна тартан патека.
Воедно, атлетичарите очекуваат и нови соблекувални во близина на атлетската патека, откако нивната, која ја имаа клубовите, од пред неколку години беше пренаменета во тоалет за публиката на стадионот, па тие останаа без соблекувална.












