Денеска официјално започна реализацијата на еден од позначајните инфраструктурно-образовни проекти во Општина Ѓорче Петров: доградбата на основното училиште „Јоаким Крчоски“ во населбата Волково. Проектот се реализира во година кога училиштето одбележува значаен јубилеј – 80 години од своето постоење и континуирана воспитно-образовна дејност, што дополнително му дава симболична и историска тежина.
Градоначалникот Александар Стојкоски истакна дека станува збор за инвестиција што оди подалеку од физичката изградба на објект.
– Ова не е само доградба на училиште туку и инвестиција во иднината на нашите деца и во развојот на целата општина. Со овој проект создаваме современи услови за образование, подобра организација на наставата и достоинствен простор за учениците и за наставниот кадар – изјави Стојкоски, додавајќи дека проектот претставува продолжување на образовната традиција на основното училиште „Јоаким Крчоски“.
Свечениот почеток на градежните активности беше одбележан во присуство на премиерот Христијан Мицкоски, кој посочи дека се работи за еден од повеќето проекти што се веќе ставени во фаза на реализација, при што упати благодарност до сите институции и поединци вклучени во процесот. Тој нагласи дека Владата останува посветена на реализацијата на ветените проекти, со фокус на подобрувањето на образовната инфраструктура.
– Очекувам дека наскоро ќе биде завршен и овој проект, а новите капацитети ќе претставуваат значајна додадена вредност во образовниот процес, особено за учениците – истакна Мицкоски.
Според проектната документација, предвидена е изградба на нов училиштен објект со катност подрум (сутерен), приземје и еден кат, со вкупна бруто- површина од 541 квадратен метар, односно 612 квадрати со подрумскиот дел. Во новиот објект ќе бидат сместени осум училници, санитарни јазли, комуникациски ходници, скалиштен простор, технички и помошни простории, како и топла врска со постојниот училиштен објект. Проектот предвидува и идно функционално поврзување со спортската сала, со што се заокружува современ функционален образовен комплекс, кој ќе овозможи и организирање на едносменска настава.
Вкупната вредност на проектот изнесува 41.882.194 денари (681.000 евра), со вклучен ДДВ. Инвеститор е Општина Ѓорче Петров, со финансиска поддршка преку програмата за капитални дотации за инфраструктурни проекти во областа на образованието и науката за 2025 година. Рокот за изведба е 12 месеци.












