Во Скопје и Битола, свечено беше одбележан 20 Мај, Денот на пожарникарството. Со овие настани, во двата града беше испратена заедничка порака дека пожарникарите остануваат симбол на храброста, пожртвуваноста и довербата, како една од најважните служби во заштитата на животите и имотот на граѓаните.

Во двата најголеми града во Македонија, Скопје и Битола, свечено беше одбележан 20 Мај, Денот на пожарникарството. Со овие настани во двата града беше испратена заедничка порака дека пожарникарите остануваат симбол на храброста, пожртвуваноста и довербата, како една од најважните служби во заштитата на животите и имотот на граѓаните.

Во Скопје, градоначалникот Орце Ѓорѓиевски упати честитка и изрази длабока благодарност кон сите пожарникари за пожртвуваноста, храброста и несебичната служба кон граѓаните. Во своето обраќање, тој истакна дека пожарникарите се вистински херои на секојдневието – луѓе што секогаш се први на местата каде што е најголема опасноста и без двоумење ги ризикуваат сопствените животи за да спасат човечки животи, домови и имоти.

Ѓорѓиевски нагласи дека пожарникарството не е само професија туку и повик што бара исклучителна дисциплина, човечност и целосна посветеност. Тој посочи дека хероизмот заслужува почит, но и конкретна поддршка преку современа опрема, подобри услови за работа и силен институционален систем што ќе стои зад пожарникарите.

Во рамките на одбележувањето, беше истакнат и значајниот јубилеј – 190 години од формирањето на првата противпожарна единица во Македонија, како симбол на долгата традиција на организирана заштита и служба кон граѓаните. Акцентот беше ставен на процесот на модернизација на Противпожарната бригада на Град Скопје, при што веќе е реализиран нов спортски комплекс за подобрување на физичката подготвеност и работните услови на пожарникарите. За наредниот период се најавуваат дополнителни инвестиции во опремата, инфраструктурата и оперативната подготвеност.

Во Битола, Денот на македонските пожарникари беше одбележан пред зградата на Територијалната противпожарна единица, каде што свежи цвеќиња на спомен-плочата положија градоначалникот Тони Коњановски, делегација од Советот на Општина Битола предводена од претседателот Бојан Бојкоски, советници, како и делегации од општините Новаци и Могила, имајќи предвид дека оваа единица е надлежна и за овие подрачја.

Беше истакнато дека битолската противпожарна единица е најстарата во Македонија и една од најстарите на Балканот, формирана во 1836 година. Генерации пожарникари ја граделе нејзината историја, претворајќи ја во институција што денес претставува пример за организираност, професионалност и постојана подготвеност за брза и ефикасна интервенција.

Во рамките на настанот беше посочено и дека привршуваат работите на новата противпожарна зграда во поранешната касарна, која е изградена со средства од Општина Битола, додека опремувањето се реализира со поддршка од Министерството за одбрана на САД.

По повод празникот, градоначалникот Коњановски им додели златни плакети од Општина Битола на Горан Димкоски за посебен придонес, посветеност и професионалност, како и на Костадин Поповски за значаен придонес во развојот и унапредувањето на Територијалната противпожарна единица Битола.

Романтично запросување во Скопската противпожарна бригада

Аплаузи и овации се слушнаа во Скопската противпожарна единица кога пожарникар со помош на своите колеги ја запроси својата девојка пред присутните на одбележувањето на Денот на пожарникарството.

Неговите колеги држеа транспарент со порака што ги разнежни сите присутни: „Во сите интервенции сум бил храбар, но оваа ми е најважната, ќе се омажиш ли за мене?, по што следуваше очекуваното „Да“ од девојката по што присутните упатија честитки на идниот брачен пар.

 

ИЗДВОЕНИ