Мирис на пластика и смеса од воздух со токсични материи вдишуваат скопјани по пожарот во Центрот за рециклирање на пластика, електричен отпад и литум батерии, Ф-Групација. Жителите на Трубарево кои се во непосредна близина на запалениот отпад заминаа на краток престој кај своите роднини или во викендици, дел од оние кои живеат подалеку од опожарените хали со отпад, останаа во своите домови, со затворени прозорци, следејќи ги препораките на здравствените власти. По тесните улички на селото немаше никој, видливиот чад дополнителнo ја правеше атмосферата морничава, уште повеќе што се знае дека во воздухот има отровни материи. Мирисот на пластика се чувствуваше и во сите делови од главниот град, многу од луѓето што ги затекнавме по улица носеа маски со поголема заштита од отровните честитки што лебдат веќе неколку дена со палењето на депониите.
Нема некој што веќе неколку дена, почнувајќи од палењето на дивата депонија во Вардариште, па таа во Дрсла, па дивиот отпад во Визбегово, а да не се прашува – Што дишеме? Министерот за животна средина Изет Меџити кој пред јавноста излезе 24 часа по црниот облак што се вивна над Трубарево, вели дека во тек се мерењата од акредитирана лабораторија, а поставен бил и 24 часовен мерач во околината, резултатите ќе ги објавеле штом ги добиеле. Дополнително ќе се прави анализа и на водата за пиење од бунарите, има забрана за движење на локацијата каде е пожарот, а учениците од околината една недела ќе учат од дома.
Од она што можеше да се забележи на терен, оган во текот на денот немаше, само чад кој од под затрупаната земја излегуваше како гејзер. Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Стојанче Ангелов беше уверен дека опожарениот дел каде биле литиумските батерии и другиот електричен отпад целосно ќе биде затрупан со ситен песок.
Во текот на денот Трубарево го посети премиерот Христијан Мицкоски, по направениот увид на опожарениот отпад, рече дека последното мерење на загадувањето од страна на АРМ покажало дека постои, но не толку колку што било во саботата кога гореше опасниот отпад. Мицкоски се сомнева во серија на подметнување на пожарите, а Владата има информации дека тоа е инструирано од центри внатре и надвор од државата. За последниот кој е прв од ваков вид во земјава рече дека имало 4 ца приведени.
-Вакви подметнувања и диверзии ќе има и во иднина, има центри на моќ кои не сакаат да успееме како Влада, но ние ќе се бориме до крај. Тие ќе продолжат да подметнуваат, а ние ќе продолжиме да работиме, изјави Мицкоски.
Претходно, на прес конференција во Владата, директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Стојанче Ангелов уште еднаш ги повтори сомнежите за хибриден напад.
-Минути пред да се издигне густиот црн чад над Трубарево имавме дојава за пожар во семенара (погон за садници) во Кисела Вода и пожарникарски екипи се упатија таму. Веднаш потоа се случи пожарот во магацините за електричен отпад, вели Ангелов кој аргуменира со сликата од терен, а тоа е дека отпадот во Трубарево горел од неколку страни, пожарот бил со силна динамика и интензитет, нешто што не би се случило од самозапалување.
– Дека некој намерно пали увидов и во депонијата Дрисла, во линија од 50 метри невозможно е со самозапалување да настане пожар со толкав интинзитет. Лично сум убеден дека се работи за хибриден напад врз Владата, имаме пожари во текот на целото лето, за жал тешко се обезбедуваат докази бидејќи тие горат со пожарите. Обемот и динамиката се несвојствени. Кога го средивме Вардариште се запали Дрисла, па депонијата во Шутка, па овој отпад, рече Ангелов.
На исто мислење е и министерот за внатрешни Панче Тошковски.
-Факт е дека во три дена ни горат четири депонии во Скопје, што диви, што легални. Господ не може да ме убеди дека ова е случајност. Јас ве уверувам дека секој за кого ќе има доази ќе преземеме се за што ќе добиеме наредба од ЈО по насоки на судот – одговори министерот Панче Тошковски на вонредната пресконференција.
Во меѓувреме од Основното јавно обвинителство соопштија дека собираат докази и се чекаат резултатите од мерењата. Не се исклучува можноста од истрагата да произлезат докази за кривично дело Екоцид.
-Јавниот обвинител издава наредби за обезбедување на целокупната документација за работата на компанијата во чии магацини настана пожарот.Во следниот период, по создавање на услови и обезбедување на податоци за видот на складираните објекти, ќе биде наредено вештачење за да се утврди видот на контаминација и последиците од загадувањето, велат од ОЈО Скопје.
Опозицијата побара целосна истрага за причините за пожарот. „Потребна е истрага за тоа што точно се случи, зошто немало контрола, каде затаиле протоколите и кој ќе понесе одговорност“, изјави лидерот на СДСМ, Венко Филипче, потенцирајќи дека „наместо конфузни изјави и политички спинови, луѓето очекуваат одговори и решенија.
-„Јавно барам да се овозможи медицински преглед за сите жители во и околу Трубарево, особено за оние кои биле директно изложени на чадот и токсичните гасови“, изјави тој и побара резултатите од мерењата на воздухот, водата и почвата да бидат транспарентно објавени.
Инситутот за јавно здравје и армијата соопштија дека во неделата измериле намалени врености на атомско-биолошко-хемиско штетни материи, за разлика од саботата вечерта кога тие биле многу лоши. Сепак, освен воздухот, контаминирана е и земјата, од ДЗС најавија дека областа ќе се чисти од отровите на литумските батерии.
-Многу лошо беше во саботата вечерта особено во радиус од 100 до 150 метри, возачот на булдужер кој помагаше во затрупувањето со песок дишеше преку кислородна боца. Направивме добра проценка за неутрализација на пожарот, ер тракторите завршија голема работа, гаснеа дирекно, не дозволувајќи пожарот да се рашири и навистина имавме среќа што густиот чад одеше нагоре, не се разнесуваше. Сопственикот ми кажа дека има литумски батерии и друг токсичен отпад кој испарува во воздухот.Тешко беше и пластиката да се гасне со вода бидејќи достигна температура од 500 степени, како се фрлаше од воздух, водата брзо испаруваше. Затоа одлучивме да затрупуваме со песок и гаснеме со хемиска пена. Со помош на булдужерите го затрупавме токсичниот отпад, песокот го наводнуваме да престане чадењето, ја пренесе Ангелов ситуацијата од терен.
Од пожарот гушење добиле четворица, а еден од нив ќе остане на Клиниката за токсикологија на лекување, соопшти министерот за здравстви Азир Алиу
– Еден од нив е жител, кој што живее во непосредна близина на пожарот, едниот е припадник на АРМ, едниот е директорот на ЦУК, еден е полицаец. Жителката која живее таму е хоспитализирана на Клиниката за токсикологија. Нема компликации, но стручните лица одлучил да продолжи да се лекува тука. Имала симптоми на вртоглавица и кашлица, и јас апелирам секој кој има вакви симптоми, да се јави на лекар“, рече Алиу чие министерство остана инертно со препораките во саботата кога црната печурка од чад се издигнуваше над Трубарево.
Прашањата за одговорност од медиумите не изостанаа и за првиот човек на животна средина, Меџити.
-Цело време бев во тек со ситуацијата , но МЖС не е дел од управувачкиот кризен комитет, вршиме мерења од првите моменти и не држат наводите дека не сум се ангажирал, одговри Меџити на новинарските прашања во Владата и нагласи дека фирмата Ф-Групација имала дозвола за складирање на отпад од минатата власт, 2021 година со важност од 10 години.
„Во време кога Скопје мирисаше на изгорена пластика, батерии и електронски отпад, кога граѓаните стравуваа за своето здравје, на Изет Меџити му беше најважно да пренесува во живо партиски настан во Чаир, како ништо да не се случува“, го обвинија од ДУИ
-Го прашуваме: зошто избегавте од вонредната прес-конференција додека луѓето од Трубарево се евакуираа доцна во ноќта? Имате ли грам одговорност за позицијата што ви е доверена?, прашаа од Мала Речица.
Отпадот кој викедов гореше и го загади воздухот со токсични материи штетни по здравјето на граѓаните се наоѓа буквало меѓу населба за живеење, станува збор за стари хали кои наликуваат на штала. Улиците се тесни и тоа било уште еден предизвик при гаснењето на пожарот. Жителите од Трубарево велат дека и претходно рагирале дека не можат да живеат во близина на отпад, а во неделата премиерот детектирал дека отпадите не работат согласно условите под кои требало да работат.
Протестите во населбата Аеродром против загадувањето на воздухот од депонијата во Вардариште и таа во Дрсла добиваат на масовност.
-Ова е екоцид врз сопствениот народ. Не постои никаков изговор зошто ова ни се случува. Доколку се работи за намерно палење и загадување од пиромани или од опозициски структури, постојат институции кои се должни тоа да го откријат.
Тие се револтирани, а некои од нив предлагаат да се блокира цело Скопје.
-Не ни треба работа, не ни треба ништо, ни треба здравје. Во понеделник сите на протест, се додека не се реши проблемот. Народе бидете сложни да реагираме, потоа да не биде доцна. – решени се граѓаните.
Според ДЗС, во Дрисла викендов повторно горело и се очекува депонијата да биде целосно затрупана со земја под која пак се случуваат хемиски процеси опасни по околината и здравјето на жителите од Батинце. Полицијата одзела документација од јавното претпријатие, директорот Самир Хусени, заедно со неколку вработени, биле повикани на информативен разговор во СВР Скопје. (П.А.)