четврток, јуни 4, 2026
Дома СВЕТ Загрижувачки податоци на „Евростат“: ЕУ влегува во фаза на голем демографски пад...

Загрижувачки податоци на „Евростат“: ЕУ влегува во фаза на голем демографски пад – до крајот на векот ќе остане без 53 милиони луѓе

78

Европската Унија влегува во фаза на голем демографски пад, а населението би можело да се намали за 53 милиони луѓе, или 11,7 проценти, до крајот на овој век, објави „Евростат“.

Според податоците, Европската Унија имала околу 451,8 милиони жители во 2025 година, со раст кој се опоравува по падот за време на пандемијата.

Се очекува населението да продолжи да расте уште неколку години, достигнувајќи врв од 453,3 милиони во 2029 година, пред да започне долгорочен пад на 398,8 милиони до 2100 година.

Проекциите се базираат на претпоставки за трендовите на плодноста, морталитетот и миграцијата, со делумно изедначување на трендовите меѓу земјите-членки на Европската Унија.

Дополнително, старосната структура на населението на Унијата ќе се промени.

Бројот на стари лица ќе продолжи да расте

Уделот на деца и млади лица под 19 години во Европската Унија ќе се намали од сегашните 20 проценти на 17 проценти, а уделот на работоспособното население на возраст помеѓу 20 и 64 години од 58 проценти на 50 проценти.

Спротивно на тоа, бројот на стари лица во Европската Унија значително ќе се зголеми.

Уделот на населението на возраст од 65 до 79 години ќе се зголеми од 16 на 17 проценти, додека бројот на лица над 80 години ќе се зголеми од шест проценти на дури 16 проценти.

Овие трендови укажуваат на забрзано стареење на европското население, со намалување на работната сила и помладите генерации.

Демографската структура веќе покажува изразени карактеристики на стареење – подолг животен век, ниски стапки на наталитет и доминација на постарите возрасни групи, особено оние над 50 години.

Огромни последици за пазарот на трудот

Стареењето на населението веќе има директни последици за пазарот на трудот во Европската Унија, предупредуваат меѓународните институции и медиумите.

Според агенцијата на ЕУ „Еурофаунд“, пензионирањето на генерацијата „бејби бум“ создава зголемен притисок врз пазарот на трудот, со растечки ризик од недостиг на работници и оптоварување на пензиските системи.

Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во извештај од ноември посочува дека постарата популација, доколку го одржи своето здравје во подоцнежниот живот, постепено би можела да стане повклучена на пазарот на трудот и со тоа да ја зголеми вкупната продуктивност.

ИЗДВОЕНИ