Забраната за користење на водата од гостиварскиот водовод за пиење и подготовка на храна останува во сила сè додека лабораториските анализи не потврдат дека таа е безбедна, соопшти директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), Оливер Миланов.
„Продолжуваме будно да ја следиме состојбата и да ги преземаме сите законски мерки за целосно расчистување на случајот и отстранување на причините што го загрозиле здравјето на граѓаните. Нема да дозволиме ниту еден аспект од постапката да остане неиспитан“, изјави Миланов на прес-конференција во Владата.
Тој информираше дека инспекторите на АХВ и денес спроведуваат вонредни контроли кај операторите со храна во Гостивар, со цел да се утврдат изворот на контаминацијата и степенот на загаденоста, како и да се обезбедат дополнителни лабораториски анализи.
Според Миланов, АХВ започнала вонреден инспекциски надзор по известување од Основното јавно обвинителство – Гостивар и пријава од Министерството за внатрешни работи (МВР) за можна нарушена безбедност на водата за пиење.
При контролата спроведена на 16 јули во селото Вруток, во координација со Министерството за животна средина, Обвинителството и МВР, било утврдено дека без соодветно одобрение биле поставени пумпи преку кои вода од реката Вардар директно се внесувала во водоснабдителниот систем.
Од системот биле земени четири мостри за лабораториска анализа – од резервоарот, каптажата, површинската вода и јавна чешма. Дополнително, земени се нови примероци од повеќе локации, вклучително и од јавни установи, градинки и угостителски објекти.
Миланов повторно апелираше граѓаните да не ја користат водата од водоводот за пиење и подготовка на храна сè додека надлежните институции официјално не соопштат дека таа е безбедна.
Тој најави дека АХВ ќе преземе мерки против сите субјекти кај кои ќе бидат утврдени пропусти или непочитување на законските обврски, додека конечните резултати од анализите ќе ги објави Институтот за јавно здравје.












