
Младите луѓе во Велика Британија ќе можат да поминат воена обука како дел од доброволна, платена едногодишна служба во вооружените сили.
Британската Ввлада наведе дека апликациите за програмата треба да започнат во март 2026 година и ќе бидат наменети за млади луѓе до 25 години, пренесува „Танјуг“.
На младите луѓе што завршуваат училиште или универзитет планот ќе им се понуди можност да поминат една година во униформа за да проверат дали се соодветни за воена кариера, објави британски „Телеграф“. Програмата беше препорачана во стратешкиот одбранбен преглед претходно оваа година и е дел од напорите за надминување на кризата со персонал во армијата, во време на растечка воена закана од Русија.
Во првата фаза е планирано програмата да вклучи 150 учесници, додека Владата очекува да се зголеми бројот на повеќе од 1.000 годишно со текот на времето.
Извори за „Телеграф“ велат дека програмата на армијата ќе трае две години, почнувајќи со 13-неделна основна обука, по што учесниците ќе се специјализираат во специфични области.
Програмата на морнарицата ќе трае една година и ќе вклучува основна обука за работа на бродови, како и стекнување поширок спектар вештини за различна кариера во морнарицата.
Програмата на воздухопловните сили сè уште е во фаза на разгледување.
Учесниците нема да бидат обврзани да останат во британските вооружени сили, но оние што ќе сакаат да го сторат тоа, ќе можат да добијат дополнителна обука и да бидат распоредени во армијата.
„Телеграф“ вели дека сè уште не е познато колку ќе бидат платени учесниците во програмата.











