понеделник, октомври 19, 2026
Дома СВЕТ За судбината на Украина ќе одлучуваат тројца моќни лидери во Шенжен? Путин...

За судбината на Украина ќе одлучуваат тројца моќни лидери во Шенжен? Путин предложи самит со Трамп и Шји

1
EPA/GAVRIIL GRIGOROV

Рускиот претседател Владимир Путин предложи одржување самит следниот месец со американскиот претседател Доналд Трамп и кинескиот лидер Шји Џинпинг, со цел да се преговара за ставање крај на четиригодишниот конфликт во Украина – под услови поволни за Москва – пренесува „Волстрит џурнал“, повикувајќи се на неименувани извори запознаени со разговорите.

Американскиот весник наведува дека предложениот самит би се одржал во услови на подобрување на односите меѓу Трамп и Путин, особено по најавата на американскиот претседател за договор за купување руски дизел и неговото потпишување на извршна наредба во петокот, со која се укинуваат клучните санкции против Москва.

Повикувајќи се на поранешен руски разузнавачки функционер, весникот пренесува дека предлогот на Путин бил изнесен за време на телефонски разговор со Трамп на 9 октомври – разговор што резултирал и со договорот за дизел меѓу двете земји.

Според извештајот на „Волстрит џурнал“, Кремљ предложил одржување трилатерален дијалог на маргините на претстојниот самит на Азиско-пацифичката економска соработка (АПЕК), закажан за 18 и 19 ноември во Шенжен.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, потврди дека се во тек разговори за можна средба.

„Сè уште нема јасен договор во врска со самата средба или нејзината можна агенда, иако сите три страни ја признаваат хипотетичката можност за одржување на таква средба“, изјави Песков. Договорот на Трамп со Путин за дизел, како и извршната наредба за укинување на санкциите кон Москва, наидоа на остри критики од украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој предупреди дека овие потези ќе го охрабрат Путин и ќе ја продолжат војната, пренесува „Танјуг“.

Белата куќа и Кремљ не одговорија веднаш на барањата за коментар, како и руската и кинеската амбасада во Вашингтон.

ИЗДВОЕНИ