Ќе бидат опфатени активности за зајакнување на инфраструктурата, зголемување на доверливоста и оптимизација на производството на шест хидроелектрани: „Вруток“, „Врбен“ и „Равен“ во рамките на ХЕЦ „Маврово“, „Глобочица“ и „Шпилје“ во рамките на ХЕЦ „Црн Дрим“ и хидроелектраната „Тиквеш“. Од АД ЕСМ очекуваат со ревитализацијата да се зголеми инсталираната моќност од минимум 13,5 мегавати и зголемено производство на електрична енергија од околу 47,5 гигават-часови годишно, намалени трошоци за одржување, зголемена доверливост и стабилност на системот за снабдување со електрична енергија. Овие електрани учествуваат со просечно производство од 1.280 гигават-часови, односно со нив се обезбедува 20% од вкупното производство на електрична енергија во државата

АД ЕСМ планира до крајот на годинава да отпочне со реализација на капиталниот проект „Ревитализација на хидроелектраните“– Фаза 3, од кои една од главните придобивки ќе биде зголемување на вкупното производство од хидроенергија за околу 50 гигават-часови, годишно. Ќе бидат опфатени активности за зајакнување на инфраструктурата, за зголемување на доверливоста и за оптимизација на производството на шест хидроелектрани: „Вруток“, „Врбен“ и „Равен“ во рамките на ХЕЦ „Маврово“, „Глобочица“ и „Шпилје“ во рамките на ХЕЦ „Црн Дрим“ и хидроелектраната „Тиквеш“.

За ревитализацијата на хидроелектраните се потребни 36,2 милиони евра. За таа цел, државните електрани кон крајот на 2022 година добија грант од 11,2 милиони евра од Инвестициска рамка за Западен Балкан (ВБИФ), а неколку месеци потоа беше потпишан договор со Кредитната банка за обнова (КФВ) за заем од 25 милиони евра.

Од државната енергетска компанија очекуваат со ревитализацијата да се добие зголемување на инсталираната моќност од минимум 13,5 мегавати и зголемено производство на електрична енергија од околу 47,5 гигават-часови годишно, намалени трошоци за одржување, зголемена доверливост и стабилност на системот за снабдување со електрична енергија.

– Од реализацијата на овој проект, најголема придобивка ќе имаат ХЕ „Глобочица“ и ХЕ „Шпилје“. Со овој зафат, гарантираме продолжување на нивниот животен век за најмалку уште три децении – нагласи генералниот директор и претседател на Управниот одбор на АД ЕСМ, Лазо Узунчев, на одбележувањето на 60-годишнината од пуштањето во употреба на ХЕ „Глобочица“, капитален проект од непроценливо значење за македонскиот електроенергетски систем.

ХЕ „Глобочица“ е дел од хидросистемот „Црн Дрим“, и е со инсталирана моќност од 42,5 мегавати. Во изминативе шест децении произведе повеќе од 10.367 гигават-часови електрична енергија, средното годишно производство изнесува 175 гигават-часови, а максималното е забележано во 2010 година – 292 гигават-часови. ХЕ „Глобочица“ претрпе повеќе ревитализации, со што нејзината првична инсталирана моќност е зголемена за дополнителни 9 мегавати.

– Во делот на хидроелектраните, ги развиваме проектите ПАХЕЦ „Козјак 2 и 3“, а во подготвителни активности сме за реализација и на проектот ХЕЦ „Неготино“. Станува збор за мала хидроелектраната на реката Вардар, покрај ТЕЦ „Неготино“ со вкупна инсталирана моќност од 8 мегавати која ќе произведува околу 30 гигават-часови електрична енергија годишно – вели Узунчев.

Претходните две фази за ревитализација на хидроелектраните исто така се финансирани со заеми, од Светска банка и од КФВ. Нивната инсталирана моќност изнесува околу 85% од вкупната инсталирана моќност на хидроелектраните во државата. Овие електрани учествуваат со просечно производство од 1.280 гигават-часови, односно со нив се обезбедува 20% од вкупното производство на електрична енергија во државата.

(С. Бл.)

 

 

ИЗДВОЕНИ