Група родители го пријавиле случајот кај Народниот правобранител и во Државниот просветен инспекторат. Родителите тврдат дека ваквата практика особено тешко влијае врз децата што се со аутистичен спектар и психомоторни тешкотии, бидејќи секое нарушување на рутината кај нив предизвикува вознемиреност и стрес. Според претставките, на 21 мај неколку родители ги донеле своите деца во училиштето неколку минути по 8:00 часот, но влезната врата била затворена. Директорката Марија Делетиќ за весникот ВЕЧЕР вели дека не станува збор за доцнење на поголем број ученици, туку за поединечен случај на често доцнење
Само неколку минути доцнење биле доволни деца со попреченост да останат пред затворената училишна врата, обвинува Андреа Алексовски, родител на ученик од училиштето со ресурсен центар „Д-р Златан Сремец“ во Скопје. Вели дека тој и уште неколку родители реагираат за ригидното спроведување на новите правила за влез, поради што нивните деца биле вратени назад и покрај тоа што пристигнале веднаш по 8:00 часот.
– Тоа се деца со поразличен биоритам, понекогаш не спијат по цела ноќ и подготовките за на училиште одат потешко. Секое враќање кај нив предизвикува вознемиреност. Бараме разбирање, еве нека бидат неоправдано отсутни, само да не ги оставаат пред затворени врати – вели Алексовски.

Групата родители го пријавиле случајот кај Народниот правобранител и во Државниот просветен инспекторат. Родителите тврдат дека ваквата практика особено тешко влијае врз децата што се со аутистичен спектар и психомоторни тешкотии, бидејќи секое нарушување на рутината кај нив предизвикува вознемиреност и стрес. Според претставките, на 21 мај неколку родители ги донеле своите деца во училиштето неколку минути по 8:00 часот, но влезната врата била затворена.
– Ние, како родители, секако разбираме дека секое училиште има свои правила и сме согласни за секое доцнење да има забелешка за неоправдано отсуство и сл., но ова ја поминува границата и навлегува во тоталитаризам, своеволие, кршење на човековите права. Како одговорна институција за заштита на нашите, пред сè, човечки права, ве молиме најжестоко да реагирате и придонесете за корекции во однесувањето на управителот на училиштето „Златан Сремец“ – стои во претставката на групата родители испратена до Народниот правобранител и Просветниот инспекторат.
Во укажувањето на училиштето стои дека родителите што ги носат учениците со сопствен превоз се должни да пристигнат пред 8:00 часот, а децата да му бидат предадени на дежурниот наставник на влезот. Дополнително, техничкиот персонал е задолжен за контрола на влезот и излезот и за почитување на утврденото време за отворање и затворање на вратите. Во документот се наведува и дека доцнењето на учениците го нарушува воспитно-образовниот процес, влијае врз динамиката на наставата и создава организациски тешкотии за наставниците и за другите ученици.

Директорката Марија Делетиќ за весникот ВЕЧЕР вели дека не станува збор за доцнење на поголем број ученици, туку за поединечни случаи на често доцнење.
– Родителите можат да ги донесат учениците од 7:00 до 8:00 часот и по првиот час во 8 и 40 часот. Дежурниот наставник мора да оди на час, е сега доаѓа родителот што доцни, се јавува кај наставникот и тој мора да го остави одделението и да оди за прием на неговото дете. Наставникот не може да ги остави децата сами во училница, тоа се деца со комплексни потреби, тие не зборуваат и имаат потреба од постојана придружба. Како одговорна, не смеам да ја оставам отклучена влезната врата. Што ако излезе некое дете? – објаснува директорката Делетиќ.
Дел од родителите, кои стојат зад претставките, пак, не го оспоруваат правото на училиштето да воведе ред и дисциплина, но сметаат дека мора да се применуваат правилата со поголема сензибилност кога станува збор за децата со попреченост. Тие бараат институциите да утврдат дали со ваквата практика се ограничува правото на образование и дали бил земен предвид најдобриот интерес на децата. (П. А.)












