За метла можат да се фатат 44 градоначалници, останатите ќе чекаат втора среќа

Во првиот круг од локалните избори, ВМРО-ДПМНЕ победи во 32 општини, коалицијата ВРЕДИ во пет, НАИ во четири, а СДСМ во три. Втор круг ќе се одржи во 33 општини, а во три општини ќе се повтори гласањето поради недоволен цензус. Во Скопје, Орце Ѓорѓиевски од ВМРО-ДПМНЕ и Амар Мециновиќ од Левица одат во втор круг. Бети Стаменкоска Трајкоска од ВМРО-ДПМНЕ е единствената жена избрана за градоначалничка во прв круг. ВМРО-ДПМНЕ доби најмногу гласови и за советнички листи, обезбедувајќи мнозинство во повеќе совети. Излезноста на изборите беше 48,29 отсто

298

Во првиот круг од локалните избори, ВМРО-ДПМНЕ освои градоначалнички места во 32 општини, коалицијата ВРЕДИ во пет, НАИ во четири, а СДСМ во три. Според податоците од Државната изборна комисија, втор круг ќе има во 33 општини, додека во три ќе се повтори гласањето поради недоволен цензус. Уште во првиот круг, за градоначалници од владејачката ВМРО-ДПМНЕ беа избрани Кирил Пецаков во Охрид, Тони Коњановски (Битола), Дејан Проданоски (Прилеп), Митко Јанчев (Кавадарци), Љупче Почивалец (Радовиш), Јован Тозиевски (Ресен), Дејан Владев (Свети Николе), Тодорче Николовски (Кратово), Стевче Ставановски (Новаци), Ѓорѓе Божинов (Ново Село), Борче Митевски (Петровец), Александар Китански (Пехчево), , Јане Мицевски (Сопиште), Иван Јорданов (Штип), Петар Ружински (Берово), Ристо Манчев (Босилово), Дарко Костовски (Бутел), Славе Андонов (Василево), Спасе Кочовски (Вевчани), Марко Колев (Велес), Бобан Стефковски (Гази Баба), Андон Сарамандов (Гевгелија), Александар Стојкоски (Ѓорче Петров), Киро Нацков (Градско), Иван Гоцевски (Делчево), Никола Најдовски (Демир Хисар), Коста Маневски (Зелениково), Александар Георгиевски (Илинден), Димитар Костадиноски (Јегуновце), Виктор Паунов за Карбинци. Бети Стаменкоска Трајкоска во Кисела Вода е единствената жена избрана за градоначалничка во прв круг, а еден од поголемите триумфи на владејачката партија е и победата во бастионот на СДСМ – Струмица, каде исто така во првиот круг беше изгласан Петар Јанков.

Од ВРЕДИ во прв круг беа избрани Даут Беќири (Арачиново), Блјерим Сејдиу (Желино), Мухамет Елмази (Сарај), Даут Мемиши (Теарце) и Изет Меџити (Чаир).

НАИ освои четири градоначалнички места и тоа Валбон Лимани (Гостивар), Еркан Арифи (Липково), Алија Јаоски (Пласница) и Суат Шаќиров (Чашка), додека СДСМ освои три: Блаже Шапов (Богданци), Сашко Митовски (Крива Паланка) и Игор Каравилоски (Кривогаштани).

Во вториот круг од локалните избори 2025, граѓаните во 33 општини ќе избираат меѓу двајца кандидати кои добија најмногу гласови во првиот круг. Повторување на прв круг поради недоволен цензус ќе има во Маврово и Ростуше, во Врапчиште и во Центар Жупа.

ВМРО-ДПМНЕ доби најмногу гласови во 53 општини

Според првичните резултати на ДИК по обработени 99,94 отсто од гласовите, ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата на првиот круг од локалните избори освои најмногу гласови во вкупно 53 општини, Коалицијата ВРЕДИ во 9, СДСМ и Коалицијата во 8, Националната алијанса за интеграција во 5, а Движење ЗНАМ, Демократската  партија на Турците, Унија на Роми, Група избирачи Менди Ќура и Група избирачи Азем Садиќи во по една општина.

Кандидатите за градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ победија во Аеродром, Берово, Битола, Босилево, Брвеница, Бутел, Валандово, Василево, Вевчани, Велес, Виница, Гази Баба, Гевгелија, Ѓорче Петров, Градско, Дебарца, Делчево, Демир Капија, Демир Хисар, Дојран, Зелениково, Зрновци, Илинден, Јегуновце, Кавадарци, Карбинци, Карпош, Кисела Вода, Кичево, Кочани, Конче, Кратово, Маврово и Ростуше (нема цензус), Македонска Каменица, Македонски брод, Могила, Неготино, Новаци, Ново Село, Охрид, Петровец, Пехчево, Прилеп, Пробиштип, Радовиш, Ранковце, Ресен, Свети Николе, Сопиште, Старо Нагоричане, Струмица, Чешиново-Облешево и Штип.

СДСМ и Коалицијата освоија најмногу гласови во општините Богдацни, Крива Паланка, Кривогаштани, Крушево, Лозово, Росоман, Центар и Чучер Сандево.

Кандидатите од Коалицијата ВРЕДИ победија во општините Арачиново, Боговиње, Дебар, Долнени, Желино, Сарај, Теарце, Тетово и Чаир.

Кандидатите на НАИ добија најмногу гласови во Врапчиште, Гостивар, Липково, Пласница и Чашка.

Кандидатот на ЗНАМ Максим Димитриевски освои најмногу гласови во Куманово.

Ѓорѓиевски и Мециновиќ ќе трчаат втор круг за Скопје

Во Скопје ќе има втор круг локални избори, а идниот градоначалник ќе се бира меѓу Орце од Коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ и кандидатот на Левица, Амар Мециновиќ, кои освоија најголем број гласови во првиот изборен круг. Според податоците на Државната изборна комисија, по пребројани 99,92% од гласовите, за Ѓорѓиевски гласале 91.582 скопјани или 39,43%, а за Мециновиќ 30.659 или 13,20%.

Според првичните резултати од обработени 99,93% од гласовите во Советот на Град Скопје најмногу советници ќе има ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата 18 советници. По шест советници ќе имаат Коалицијата ВРЕДИ, Националната алијанса за интеграција и Левица. СДСМ ќе има пет, а еден советник ќе има и ЗНАМ.

Во 45 члениот совет на Градот Скопје влегуваат и Ристо Пенов од Искуство за успех и Јана Белчева Андрееска и Марјан Калевски, како независни.

Втор изборен круг е извесен и во скопската општина општина Аеродром, како и во Карпошм каде за две недели силите повторно ќе си ги измерат Сотир Лукровски од ВМРО-ДПМНЕ кој освои 34,51%, и Стевчо Јакимовски од ГРОМ со 29,40% од гласовите.

И во Центар, градоначалник ќе се бира во вториот круг, а ќе се гласа за Горан Герасимовски од СДСМ со 38,21% и за Мирослав Лабудовиќ од ЗНАМ кој освои 25,53%.

Мнозинство и во советите

Во пет од десет скопски општини ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата ќе имаат мнозинство во советот. Мнозинство советници ВМРО-ДПМНЕ ќе имаат во општина Аеродром, Бутел, Гази Баба, Ѓорче Петров и Кисела Вода. Интересно е тоа што во Општина Сарај во прв круг победи Мухамет Елмази од ВРЕДИ, додека мнозинство во советот ќе има НАИ.

Според податоците од ДИК, ВМРО-ДПМНЕ за советнички листи освои околу 302.000 гласа, СДСМ 125.000, НАИ 114.000, ВРЕДИ 91.000, ЛЕВИЦА 57.000 и ЗНАМ нешто повеќе од 38.000 гласа.

На изборите гласале вкупно 883.937 граѓани, од кои 833.984 ливчиња се важечки, а 49.957 се неважечки. Излезеноста изнесува 48,29 отсто.

Градоначалник во првиот круг од гласањето е избран оној кандидат кој добил мнозинство гласови од избирачите кои гласале, доколку на изборите излегле една третина од вкупниот број на избирачи запишани во изводот од Избирачкиот список за соодветната општина.

Доколку во првиот круг од гласањето за избор на градоначалник на општината, односно градот Скопје, не излезат една третина од вкупниот број на избирачи запишани во изводот од Избирачкиот список за соодветната општина, односно градот Скопје, се повторува целата изборна постапка за соодветната општина.

Изборите за градоначалници во единиците на локалната самоуправа се вршат по мнозинскиот изборен модел, а изборите за членови на советите по пропорционален модел, во еден круг. Вториот круг од локалните избори ќе се одржи на 2 ноември. (В.С.Н.)

 

Бети Стаменкоска Трајкоска избрана во првиот круг – три жени ќе се борат во вториот

Само една жена беше избрана за градоначалничка во првиот круг на локалните избори 2025 – Бети Стаменкоска Трајкоска од ВМРО-ДПМНЕ, која ќе ја води општина Кисела Вода. Покрај неа, уште три кандидатки се пласираа во вториот круг: Марија Нацева (ВМРО-ДПМНЕ) во Неготино, Наталија Димитриева (ВМРО-ДПМНЕ) во Демир Капија и Соња Стаменкова (СДСМ) во Македонска Каменица.

На овие избори се натпреваруваа вкупно 309 кандидати за градоначалници, од кои само 32 беа жени, што е 10.35 проценти од вкупниот број.

Најмногу кандидатки – три – имаше во Прилеп, додека по две се натпреваруваа во Битола, Велес, Карпош, Кисела Вода, Неготино и Центар.

Во 16 општини и Градот Скопје имаше само по една жена кандидат.

Во голем дел од општините жените воопшто не беа присутни на гласачките ливчиња. Од вкупно 44 избрани градоначалници во првиот круг, само една е жена, што претставува 2.2 проценти родова застапеност.

 

ИЗДВОЕНИ