Четириесет нови камиони за „Комунална хигиена“ ќе бидат набавени до април, најави скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски, а до првата половина на наредната годината и нови автобуси. Тој информираше дека дел од 40-те камиони ќе бидат набавени преку јавна набавка за што се обезбедени средства во Буџетот на Град Скопје, а дел преку Светска банка.

– Камионите ќе ги набавиме до април во две фази. Од една страна ние самите ќе направиме јавна набавка преку ЈП „Комунална хигиена“, за што одвоивме средства во буџетот, а од друга страна Министерството за транспорт преку Светска банка. Ова е веќе вест за градот, ќе набавиме камиони кои ќе штедат на гориво, на сервиси, кои ќе ги задоволат целосно потребите на скопјани – изјави Ѓорѓиевски во медиумско гостување.

Тој потсети дека во „Комунална хигиена“ имало само 16 функционални камиони и дека сега има околу 40 до 50 камиони, но поради староста на возилата и честите дефекти се случувало на дневна основа да се намалува бројката на функционални возила.

Според него, состојбата со ѓубрето во Скопје е далеку подобра од претходно, но сепак вели дека има мал процент на несовесно население поради кое страдаат сите. Во изминатиот период, како што посочи, се изречени стотици предупредувања и казни.

До првата половина на следната година Ѓорѓиевски очекува да се нормализира состојбата и со јавниот превоз кога треба да стигнат новите автобуси. Признава дека се уште има пропусти на одредени места, но дека проблемите се надминуваат. Вели дека набавките за делови не биле платени и дека тоа било еден од предизвиците со кои се соочиле од самиот старт.

– Затоа имаше многу автобуси што беа нефункционални и многу камиони од „Комунална хигиена“ нефункционални – рече Ѓорѓиевски.

(А.П.)

ИЗДВОЕНИ