Пред голем број на граѓани, претставниците од стопанските комори, здруженија на млади и голем број на заинтересирани граѓани, пратеници и претставници на локалните самоуправи од струмичкиот регион, денес се одржа информативен ден за запознавање на јавноста со мерките од Оперативниот план за вработување.
Заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески ги повика сите заинтересирани да аплицираат на некој од трите објавени јавни повици од мерката Поддршка за самовработување (претприемништво), со која се нуди висока финансиска поддршка, а во овогодинешните мерки посебен акцент е ставена на поддршката на младите лица.
Весна Пешова, заменик-директорот на Агенцијата за вработување на пред присутните говореше за постапките поврзани со аплицирањето за користење на некоја од мерките на Оперативниот план и ги повика сите заинтересирани да аплицираат во некоја од 30-те Центри за вработување низ државата. Таа информира дека интересот за мерката самовработување (претприемништво) е голем и во првите два дена од објавата на огласите досега се доставени околу 1400 пријави.
Директорот за поддршка на претприемаштвото, Даниела Димовска се осврна за поддршката која ќе биде дадена на сите лица кои ќе добијат средства од мерките, како што се стручното советување во креирањето на бизнис план, како и обуките за претприемништво и менторството.
Јавните повици траат до 20 јуни, а во наредниот период ќе се објават јавни повици и за другите мерки од Оперативниот план.