Предлог-ребалансот на државниот буџет влегува во собраниска процедура, со кој се предвидува намалување на приходите и на расходите за повеќе од 82 милиони евра. Буџетскиот дефицит останува на нивото од 4,1 % од БДП, додека проекциите за економскиот раст и за инфлацијата се задржуваат на 3,5 %.
Вториот ребаланс за годинава веќе ја отвори дебатата меѓу власта и опозицијата. Од СДСМ сметаат дека новото прекројување на државната каса е последица на нереалното планирање на приходите, а не само на мерките за намалување на акцизата и на ДДВ за горивата. Пратеникот Фатмир Битиќи оценува дека со ребалансот се настојува да се ублажат последиците од послабата реализација на буџетот до крајот на годината.
– Ребалансот се прави исклучиво за да се намали штетата што ќе се направеше на крајот од годината. Да не заборавиме дека минатата година беше завршена со 8 % помали приходи и соодветно со 8 % помали расходи. Со трендот на исполнување на реализација на годинашниот буџет, во декември ние сигурно ќе ја завршевме годината со околу 10 % помали приходи – изјави Битиќи во телевизиско гостување.
Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ, пак, ги бранат економските политики, посочувајќи дека државата функционира стабилно, а платите и пензиите продолжуваат да растат. Пратеникот Тони Јаревски смета дека актуелните политики овозможуваат подобра динамика на растот на примањата во споредба со претходниот период.
Сепак, економските експерти предупредуваат за намалување на средствата за капитални инвестиции. Иако со ребалансот се зголемува планираниот процент на реализација на капиталните проекти, сепак, универзитетскиот професор Синиша Наумоски смета дека не значи тоа дека навистина ќе бидат потрошени средствата.












