Основното јавно обвинителство и СВР Куманово преземаат итни мерки за расчистување на случајот со врсничко насилство, откако на социјалните мрежи беше објавена видеоснимка на која се гледа физички напад врз девојче.
Според првичните информации, инцидентот се случил пред околу четири месеци, но до денеска не бил пријавен во надлежните институции.
Шефицата на Основното јавно обвинителство Куманово, Теута Бедиу-Рамадани, изјави дека веднаш по објавувањето на снимката бил оформен предмет и започната е итна постапка.
– Случајот ќе се работи по итна постапка. Едната инволвирана е полнолетна, додека другите две се малолетнички. Настанот се случил пред четири месеци и до денеска немавме пријава. Откако снимката беше објавена, веднаш почнавме да постапуваме – изјави Бедиу-Рамадани.
Од СВР Куманово потврдија дека интензивно работат на случајот и најавија дека по завршувањето на проверките ќе бидат соопштени повеќе информации.
Видеото, кое денеска се прошири на социјалните мрежи, а го објави новинарката Лиридона Вејсели доцна синоќа на нејзиниот Фејсбук профил, предизвика бројни реакции во јавноста, а институциите најавуваат брзо и целосно расчистување на сите околности.
На видеото се гледа како девојка опколена од другите девојки седи во аголот додека ја удираат со шлаканици и со клоци.












