Пред македонската сениорска кошаркарска репрезентација е сериозен испит: да се обезбеди пласман во квалификациите за СП, и тоа без најдобрите двајца кошаркари – Ненад Димитријевиќ и Ти-Џеј Шортс. За таа цел, нашата селекција ќе мора да биде подобра од Романија и од Унгарија, мечеви што ќе ги одигра во августовскиот ФИБА-прозорец.
Токму поради отсуствата на неколкумина стандардни првотимци, новиот селектор Марјан Илиевски реши да ја подмлади репрезентацијата. Меѓу оние од кои се очекува да придонесат за подобра иднина на националниот тим е и Андреј Андоноски, кој ги помина сите репрезентативни „филтри“, односно младински селекции.
Крилниот играч на МЗТ Скопје вели дека тој и неговите, условно земено, помлади репрезентативни колеги се подготвени да одговорат на предизвиците што следуваат, почнувајќи од оние натпревари од втората фаза од претквалификациите за Светскиот куп 2027 година во Катар.
- Повеќето добро се знаеме, имаме играно заедно, како во младинските репрезентации така и во сениорската. Оттука сметам дека тие два контролни натпревара ќе ни бидат добредојдени за да се подготвиме подобро и за да влеземе што посилно во битните дуели – смета Андоноски, кој ќе треба да пополни дел од оние „внатрешни позиции“ во нашиот национален тим на оние четири натпревари од претквалификациите за место во главниот дел – квалификациите за Светскиот шампионат во 2027 година.
- Ќе дадеме сè од себе. Јас лично како играч, а сигурен сум и дека сите мои соиграчи што се тука, исто така. Тоа што репрезентацијата е подмладена, е еден природен чекор што доаѓа со времето. И сите сме подготвени за тоа. Подготвени сме за да го издржиме притисокот што го носат наредните предизвици – додава Андоноски.
Македонија ќе одигра два контролни натпревара со Швајцарија во Гевгелија (25 и 26 август) пред да се пресели во Куманово, каде што ќе ја пречека селекцијата на Романија (2 август). Потоа следуваат две „врзани“ гостувања, прво на 9 август, во Шолнок, каде што игра против Унгарија, а неколку дена подоцна, на 13 август, во Орадеа, ќе ги одмери силите со Романија. Втората фаза од претквалификациите за пласман на Светскиот куп ќе ги затвориме на 20 август, во Куманово, каде што за противник ја имаме селекцијата на Унгарија.