Иако му се може, како што вели народот, „да глуми лудило“, Бојан е сосема приземен и не живее во облаци. Враќајќи се со сеќавањата на победата во „Ѕвездите на Гранд“, тој откри интересни моменти за читателите на весникот ВЕЧЕР и порталот vecer.pressГодинашниот победник на балканското мегашоу „Ѕвездите на Гранд“, Македонецот Бојан Илиевски, ја славеше својата заслужена победа, завчеравечер, на роденденската прослава на познатата продукција „Зона М1“, каде што на едно место дојдоа да се дружат и други познати личности. Славеничката вечер беше исполнета со музика, смеа и позитивна енергија, а секако, и со многубројни фотографирања со сега веќе популарниот Илиевски. Сосема разбирливо. На неговото присуство на оваа летна забава беше горд и домаќинот, газда Марјан Мац Тасевски, кој прославувајќи го роденденот на продукцијата, направи вечерта да биде не само незаборавна туку и долго да се прераскажува и меѓу нас, новинарите.

Нашата (новинарска) средба, а притоа и другарување, наздравување и муабет со Бојан, беше навистина нешто посебно. Иако му се може, како што вели народот, сега „да глуми лудило“, тој остана сосема приземен, не живее во облаци. Навраќајќи се на сеќавањата на победата во „Ѕвездите на Гранд“, Илиевски ни откри интересни моменти:– Да бидам најискрен, не очекував дека токму јас ќе победам. Со таа победа ми се врати самодовербата, дека сум способна личност да направам нешто важно во својот живот. Мојот пат до таа важна победа, како и за секој оној што уште нема направено пејачка кариера, не бил ниту најмалку лесен. Јас рано останав без родители, а мојата најголема потпора во животот ми беше мојата мила баба (по мајчина линија). Вечерта кога победив, таа постојано плачеше од радост. Кога се разбудив наредниот ден, пак ја најдов како плаче. Ѝ реков: „Бабичке моја, па вчера се исплака, сега пак ли ќе плачеш, ајде да се смееме!“

Така што, животот воопшто не го галел Бојан, а тој никогаш не се откажал од музичкото образование. Завршил музичко образование во Македонија, а студии на Академијата во Словенија. По смртта на мајка му, западнал во длабока животна криза и се соочил со зависност од комарот.

– Кога почина мајка ми, многу се разочарав во животот, веќе не ја гледав смислата на живеење. Целосно се изгубив. Да не беше мојата баба, којзнае како ќе останев нормален?! Секакви црни сценарија ми паѓаа на ум, ни тврди Бојан.Тоа го знаеше и неговиот ментор во шоуто, познатиот рок-музичар, Ѓорѓе Давид. Сето тоа е доказ дека е човечки да му се помогне на оној што е во неволја, а музиката е секогаш онаа што не знае за граници и пасоши. И многубројните гласачи што гласале за нашиот Бојан, му возвраќаа со коментарите: „Вредиш другар, имаш предобар глас и симпатична појава, а и не си некој препотентен“.

Инаку, Бојан го поминува летото токму во дружења со старите пријатели, уште од оние времиња кога не беше ѕвезда. Ги сака летните жештини, но само ако е некаде на некој базен или на морско-езерска плажа. Обожава да плива. A, ги обожава и тетоважите кои ги има на рацете. Нагласува дека популарноста нема никогаш да го смени, дека животот треба да се живее со полни гради. – Го сакам животот, иако ми беше многу тешко во оној период без родители. Успеав пак да застанам цврсто на нозете, да продолжам. Па, ако даде Господ еден ден и да се вљубам, да создадам семејство. Децата се богатство, а во децата е смислата на животот. Сè друго поминува, само да сме живи, здрави, и спокојни, раскажа харизматичниот Боки. И секако што почесто да се гледаме и да се дружиме на вакви прекрасни роденденски забави, каква што беше оваа кај драгите пријатели Диџеј Бици и славеникот Марјан Тасевски.

Дуле МИЌИЌ – фото: Вечер (и, ФБ-архива)

 

 

ИЗДВОЕНИ