Вработените во Националната галерија на РС Македонија најостро го изразуваат своето несогласување со одлуката за именување на Али Синани за директор на институцијата. Тие јавно бараат преиспитување и итно поништување на одлуката за избор на Али Синани за директор.
– Избраниот кандидат, по професија ликовен уметник, пред сè, нема никакво непосредно професионално искуство во музејската дејност како основна дејност на институцијата или соработки кои покажуваат познавање на специфичните аспекти на музејската работа. Воедно, досега нема реализирано ниту еден проект, не само во рамките на Националната галерија туку и во други релевантни национални установи. Со овој избор се загрозува принципот на стручност и објективна проценка, кои се клучни за одговорно раководење со институцијата од национално значење. Наместо транспарентен избор со јасни критериуми, институцијата е доведена во ризик да биде водена од лице без потребно основно познавање на музејската дејност, но и на заштитата и конзервацијата кои се составен дел во негувањето и грижата за колекцијата од преку 3.300 уметнички дела – движно културно наследство, велат во реакцијата вработените во Националната галерија која поседува 4 објекти (Даут-пашин амам, Чифте амам и Спомен-куќата на Лазар Личеноски – кои се недвижно културно наследство и Мултимедијалниот центар Мала станица).
Тие сметаат дека комплексноста на институцијата од музејски, заштитен и галериски аспект бара раководење од страна на кадар со високо познавање и искуство во заштита, конзервација и музејското работење.
Во галеријата, се нагласува, работат докажани стручни кадри со долгогодишно искуство и меѓународни референции, кои имаат значителен придонес во зачувување и промоција на уметничкото творештво и културното наследство, со исклучителни биографии и меѓународен кредибилитет во презентација и афирмација на националната култура и визуелна уметност. Дел од нив беа и пријавени на конкурсот за избор на директор на Националната галерија, но очигледно биле исклучени од фер и транспарентна постапка за избор.
Токму затоа, вработените бараат овозможување на транспарентна постапка со објективно рангирање на сите кандидати според образование, искуство, стручни звања и докажани резултати, при што јавноста ќе види дека изборот се базира на знаење, а не на лични интереси и квоти.
Вработените апелираат до надлежните да го зачуваат професионалниот интегритет на Националната галерија, како една од најзначајните институции за чување, заштита и презентација на културното наследство во земјата, а во прилог на заедничкиот јавен интерес за заштита на националното културно наследство.
Вчера до затворањето на весникот не добивме одговор од Министерството за култура и туризам по повод реакцијата на вработените во Националната галерија.
Инаку, ликовниот уметник Али Синани, новиот директор на Националната галерија на Македонија, доаѓа на местото на досегашната в. д. директорка Маја Неделковска-Брзанова. По огласот за директор кој беше распишан пред речиси три месеци, на 9 јули 2025 е избран и именуван д-р Али Синани. Тој е роден во 1977 во гостиварското село Добридол. Дипломирал во 2002 на Факултетот за ликовни уметности во Скопје во класата на професорот Рубенс Корубин. Магистерските студии ги завршува на истиот факултет во 2009 година во класата на доцент Антони Мазневски, а од 2012 година е на докторски студии во Нови Пазар, Србија, кај проф. д-р Фехим Хусковиќ. Член е на голем број европски асоцијации. Има реализирано повеќе од 15 самостојни и прлку 25 групни изложби во Македонија, Србија, Швајцарија, Германија. Од 2000 година живее и работи во Швајцарија. Во 2018 ја претставувал Швајцарија на меѓународната изложба „Сон и реалност“ во Лувр во Париз. (Д.Т.)