Оператор на телепромптер во Белата куќа е под истрага за наводно користење внатрешни информации за обложување на говорите на американскиот претседател Доналд Трамп, со што заработил речиси 100.000 долари.
Габриел Перез, кој работи во Белата куќа од 2016 година, е обвинет дека се обложувал на тоа што ќе каже Трамп за време на големите јавни говори, вклучително и обраќањето за состојбата на нацијата, објавува „Би-би-си“.
Перез се обложувал на платформата Калши, која потврди дека ја пријавила неговата активност до Комисијата за тргување со стоковни фјучерси (CFTC), која ја регулира платформата.
Во соопштението се вели дека сметката на Перез била замрзната пред да може да ги повлече своите добивки.
Од „Калши“ изјавија за „Би-би-си“ дека нејзините аналитичари забележале необично обложување на платформата, каде што корисниците предвидуваат дали говорникот ќе користи термини како што се специфични земји или економски мерки.
„Зборовите на политичките лидери, како што се претседателот и шефот на Федералните резерви, предизвикуваат милијарди долари да се движат на девизните пазари, нафтените фјучерси и берзите“, рекоа од „Калши“.
Користејќи ги податоците од сметката, компанијата откри дека корисникот бил федерален службеник кој управувал со телесуфлерите во Белата куќа.
Портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит, денес изјави дека Трамп бил запознаен со случајот и дека Перез сега е на неплатен одмор и повеќе нема да работи во Белата куќа.












