Административен службеник на Меѓународниот универзитет во Тетово е осомничен дека три години ги земал парите што студентите му ги давале за школарина и други трошоци за студирање, наместо да ги уплати на сметката на Универзитетот. Според Управата за финансиска полиција, тој на овој начин незаконски присвоил повеќе од 3,3 милиони денари.
Поради тоа, до ОЈО Тетово е поднесена кривична пријава против А.З., вработен како административен службеник – виш соработник за логистика и теренско работење. Тој се сомничи за злоупотреба на службената положба и овластување и за фалсификување исправа. Според истрагата, во периодот од март 2020 до февруари 2023 година студентите од Природно-математичкиот факултет, Факултетот за физичка култура и Факултетот за медицина му ги доверувале парите во готово за да ги уплати преку електронскиот систем Е-pay. Наместо средствата да завршат на сметката на Универзитетот, осомничениот ги задржувал за себе. За да не биде откриена измамата, тој на студентите им издавал лажни потврди дека уплатите се извршени. Финансиската полиција наведува дека како основа искористил вистинска електронска потврда од претходна уплата направена со банкарската картичка на неговата сестра. Потоа ги менувал податоците – името на уплаќачот, износот и датумот – и така изработувал фалсификувани потврди кои им ги давал на студентите. Верувајќи дека нивните обврски се подмирени, студентите овие потврди ги прикачувале во електронскиот систем на Универзитетот и ги доставувале до студентската служба како доказ за извршена уплата.
Според Финансиската полиција, со ваквите дејствија осомничениот се стекнал со противправна имотна корист од 3.362.272 денари, а за истиот износ му нанел штета на Буџетот на Универзитетот во Тетово. (П.А.)












