Финалето на Светското првенство заврши со триумф на Шпанија над Аргентина (1-0), но по последниот судиски свиреж вниманието го украде големиот хаос на теренот.

Во центарот на инцидентот беше аргентинскиот репрезентативец Леандро Паредес, кој по влегувањето од клупата не успеа да ги контролира нервите. Само неколку минути по влегувањето заработи жолт картон, а до крајот на мечот направи уште неколку остри прекршоци поради кои лесно можеше да биде исклучен.

По последниот свиреж ситуацијата целосно ескалираше. Паредес најпрво влезе во жестока расправија со дефанзивецот Ерик Гарсија, а потоа тргна и кон Гави, кој воопшто не настапи во финалето.

Според снимките што се појавија на социјалните мрежи, неколку аргентински и шпански фудбалери мораа да интервенираат за да спречат поголем инцидент и физичка пресметка.

На теренот, пак, Шпанија беше подобар ривал во текот на целиот натпревар. „Црвената фурија“ доминираше, создаде повеќе шанси и до победата стигна со голот на Феран Торес во продолженијата.

Аргентина одигра едно од своите најслаби финалиња во поновата историја и не упати ниту еден удар во рамките на голот. Единствен светол момент за „гаучосите“ повторно беше голманот Емилијано Мартинез, кој со неколку одлични интервенции спречи поубедлив пораз.

Така, наместо по фудбалот, последните сцени од финалето долго ќе се паметат по нервозата, турканиците и испадот на Леандро Паредес.

ИЗДВОЕНИ