Долг е списокот на казнети возачи изминативе неколку дена, од вкупно 956 казни, 725 се за брзо возење. Безобѕирноста оди подалеку -во нечовечност, тоа се покажа во последниот пример со 18 годишниот возач од Кичево кој удрил во пешак и избегал од местото. Се вратил без автомобилот, но веќе било доцна 82 годишниот човек бил пренесен на скопските клиники каде починал од повредите. Во друг случај во Кавадарци пензионер седнал зад воланот со повеќе од 2 промили алхохол во крвта, полицијата го однела во станица и кривично ќе одговара. Друг на регионалниот пат Маврово-Ростуше возел попијан од првиот, односно во крвта му биле измерени речиси 3 промили алхохол. Брзото возење доминира во казнената полициска евиденција, возачите како да се во „бркање “ на рекорд во најбрзо возење по патиштата, особено по тие од западниот дел на земјата.
Во тетовско ако е дозволено по регионален пат да се вози 80, возач од Желино возел со брзина од 184 километри на час, друг со автомобил марка „БМВ“ качил повеќе, односно 192.
Во последните десетина дена од 4.806 казни најмногу биле за брзината на движење 1.816, потоа за непрописно паркирање 1.023 прекршоци, како и 530 платни налози за возачи кои возеле без возачка дозвола. Покрај ова 207 мотоциклисти биле санкционирани заради неносење на заштитен шлем, изречени се 211 мерки за некористење на сигурносен појас, 122 санкции за возачи за користење на мобилен телефон, соопштуваат од МВР.
Безбедноста во сообраќајот дополнително ја загрозуваат и возачите на тротинети, полицијата им поделила 28 казни на несовесните качени на електричните двотркалци. Исто толку казни им биле изречени на пешаци кои не поминувале улица на пешачки,63 возачи се канзнети поради пијанство, а 21 заради минување на црвено светло. По основ на Законот за возила откриени се 86 возила кои што биле нерегистрирани, а учествувале во сообраќајот, како и 33 технички неисправни возила.
Додека граѓаните бројат месеци до пуштањето во употреба на системот на камери за ловење сообраќајни прекршоци „Безбеден град“, полицијата брои пријави и казни против несовесните возачи кои се во пораст. Дивеењето по улиците го објавуваат и преку видеа граѓаните на социјалните мрежи, последно беше тоа на кое се гледа како мотори се тркаат во скопската населба Козле во раните утрински часови.
Летниот период и враќањето на имиграцијата во земјава ја зголемија фрекфенцијата на возила по улиците, а со тоа и бројот на сообраќајки. Периодов по улиците може да се забележат и моротите на четири тркала, управувани од млади луѓе кои во налет на занес не ретко предизвикуваат сообраќајки. Така во битолско, дојденци од Австралија удриле во пешаци и сите учесници во несреќата завршиле со тешки повреди во болница.
Освен камерите поставени по скопските раскрсници и црните точки на македонските патишта кои ќе почнат да испорачуваат казни од Нова Година, измените во неколку законски решенија ветуваат подобрување на безбедноста во сообраќајот. Казни за пешаците кои разговараат на телефон или носат слушалки, до одземање на возилото за брзо и возење под алхохол. (П.А.)