Ова лето, Европа се бори против непослушните туристи. Од носење апостолки додека возите до пушење на плажа, нов бран туристички казни го зафаќа континентот. Во популарниот крајбрежен град Албуфеира во Португалија, носењето костими за капење покрај плажа може да ве чини до 1.500 евра. На Балеарските Острови во Шпанија, вклучувајќи ги Мајорка и Ибица, казните за пиење алкохол на јавни места може да достигнат 3.000 евра. Дури и малите прекршоци како што се резервирањето лежалка и исчезнувањето би можеле да го намалат вашиот буџет за одмор.
Во Малага, Шпанија, се спроведува нова кампања од 10 точки – „Подобрете го вашиот престој“, по автобусите, на билбордите и на социјалните мрежи за да се истакне однесувањето што се очекува од туристите во градот. Вклучува пристојно облекување, избегнување фрлање отпадоци, прекумерна бучава и неодговорна употреба на е-тротинет. На оние што нема да ги почитуваат, ќе им бидат наплатени казни до 750 евра.
Сличен кодекс на однесување на јавни места беше воведен оваа година и во Албуфеира, со кој се забранува сè, од јавна голотија до мокрење на јавно место и напуштање на количките за купување.
Списокот на казни расте. „Рајанер“ може да им наплати на патниците што не се грижат за другите, 500 евра или повеќе. Пешачењето на италијанскиот Чинкве Тере во несоодветни обувки може да ги натера патниците да платат до 2.500 евра. А, Франција сега ги казнува пушачите со 90 евра на самото место за палење цигара на јавни плажи и на игралишта. Собирањето школки во Грција може да чини 1.000 евра, а пливањето во каналите на Венеција – 350 евра.
На летовите за Турција може да платите казна затоа што сте прекршиле ново правило, кое важи од оваа година, откопчување на безбедносниот појас или напуштање на седиштето пред да застане авионот. Казната за овој прекршок изнесува 62 евра.
Балканските земји, пак, веќе презедоа сериозни чекори за заострување на прописите за безбедност во сообраќајот. Во Грција и во Бугарија веќе стапуваат на сила новите најстроги закони, додека Србија работи на изготвување на својот најстрог закон за безбедност на патиштата, кој се очекува до крајот на годинава. Овие промени ги засегаат жителите, но и на сите туристи што честопати го посетуваат регионот.
Грција од 13 септември ќе воведе значителни казни за употреба на мобилни телефони при возење. Казните се зголемени до 4.000 евра, а можноста за одземање на возачката дозвола може да достигне и до осум години, со потенцијални затворски казни за сериозни сообраќајни незгоди. Бугарија, пак, на 1 август го усвои својот нов закон, каде што одбивањето тестови за алкохол и за дрога води до затворска казна и до значителни парични казни, а воведени се и нови ограничувања за возење електрични скутери.
Се очекува Србија да ја заврши изработката на својот нов закон за сообраќај до крајот на годинава, со интересни предлози како што се конфискација на возилата и воведување алкохол-брави. Најголема новина ќе биде воведувањето задолжителни камери во возилата, со цел придонесување за поголема безбедност и одговорност на патиштата.