Станува збор за графит врежан на дно од сад од локално производство, кој ѝ припаѓа на групата натписи од т.н. апоретски тип – натписи поставени на скришни места, со еротска и вулгарна содржина.

– Ова е исклучително важен наод, затоа што зборува за користење писмо од страна на населението на Градиште во Младо Нагоричане, нешто што е реткост на териториите северно од Македонското Кралство – велат од НУ Музеј Куманово

 

На локалитетот Градиште, с. Младо Нагоричане, каде што годинава беше работено на секторот акропола, при што се истражуваше резиденцијалниот објект од 4-3 век пр. н.е., архитектите од Музејот Куманово го открија најстариот зачуван автохтон пишан натпис на териториите северно од Астибо (Брегалница). Станува збор за графит врежан на дно од сад од локално производство, кој ѝ припаѓа на групата натписи од т.н. апоретски тип – натписи поставени на скришни места, со еротска и вулгарна содржина.

– Ова е исклучително важен наод, затоа што зборува за користење писмо од страна на населението на Градиште во Младо Нагоричане, нешто што е реткост на териториите северно од Македонското Кралство – велат од НУ Музеј Куманово.

Оттаму посочуваат дека целосно е истражен перистилот (отворениот двор) на градбата, а се истражувал и правецот на протегањето на каналот за вода, кој, за жал, не е зачуван до крај, па затоа постоењето цистерна, односно резервоар за вода, останува прашање што треба да се одговори во следните години.

– Резултатите од истражувањата, преку артефактите од затворените контексти што ги откривме, ги потврдуваат нашите сознанија дека резиденцијата покажува мошне блиски аналогии со богатите македонски куќи истражувани во Пела и во другите градови од античка Македонија, како преку архитектурата така и преку импортираната керамика. Градбата била уништена во немирните времиња на дарданско-македонските конфликти во 3 век. пр. н.е., истовремено со замирањето на Пајонското Кралство (до 230 год. пр. н.е.) – додаваат надлежните.

Токму едно од откритијата за кои велат дека се особено горди е што под постојните ѕидови на објектот се откриени остатоци од постари ѕидови врз кои биле поставени поновите, што значи дека резиденцијалниот објект имал подолга традиција на користење.

– Постои веројатност да има остатоци од постар објект од ваков тип на истото место – истакнуваат од Музејот Куманово.

За оваа година, велат надлежните, е предвидена и дигитализација на дел од наодите од локалитетот, со што ќе се доближи неговото значење до поголема публика, а за следната година се планира продолжување со откривањето на уште неколку градби што се забележани преку ЛИДАР-снимките, како и преку ГПР геофизичките снимања.

Истражувањата целосно беа финансирани од Министерството за култура и туризам, а раководени од археологот Дејан Ѓорѓиевски.

ИЗДВОЕНИ