Во македонскиот Културно-информативен центар во Белград, на 5 Мај, Денот на македонскиот јазик, беше реализиран проектот „Македонската книжевност на европското ѕвездено небо“, како дел од програмата за одбележување на 80-годишнината од неговата кодификација.

–Треба да го штитиме јазикот, да го негуваме, да го облагородуваме, а еден од начините е вечерва, токму тоа – дебатираат српската и македонската книжевност, српската и македонската култура. Да се зборува за книжевноста, да се дебатира, да се разговара, значи да се сплотат уште повеќе македонската и српската книжевност – рече Васко Шутаров, директор на македонскиот КИЦ во Белград.

На дебатата Никола Маџиров и Петар Андоновски, македонски писатели читаа извадоци од своите дела и разговараа со своите колешки писатели и преведувачи од Србија – српската поетеса Ана Ристовиќ и Милена Илиќ, во моментов најактивен преведувач на дела од македонски на српски јазик. Беа прочитани стихови од стихозбирката „Длан и нетакнуто“ од Никола Маџиров, преведена на српски јазик од Билјана Андоновска и од романот „Страх од варвара“ од Петар Андоновски, во превод на Милена Илиќ.

– Јазикот живее органски, патува низ нашите тела и мисли и она што го изговараме е само прашина од она што сме. Но, потребен ни е да се разбереме – истакна поетот Маџиров.

Во дебатата се постави прашањето дали е клаустрофобично да се пишува на мал јазик, а се мисли на јазиците што имаат мал број говорители.

– На тоа возвраќам низ Европа, кога ќе биде преведен еден Петар на 10 јазици и е преведен еден Никола Маџиров на 30 јазици, е тоа е успех за јазикот – потенцираше македонскиот писател Андоновски.

Авторите Маџиров и Андоновски читаа на македонски, на српски јазик тоа беше интерпретирано од актерот Александар Стоименовски.

ИЗДВОЕНИ