Во изградбата на автопатиштата на коридорите 8 и 10д, во септември, ангажирани 2.277 лица

20

Конзорциумот „Бехтел и Енка“, изведувач на автопатските делници на коридорите 8 и 10д (Тетово – Гостивар), (Гостивар – Букојчани) и (Прилеп – Битола) во септември годинава продолжил да ги извршува работите, главно, за геотехнички истражни работи, дизајн и спецификации на автопатиштата, дизајн на експропријацијата, привремени работи за управување со сообраќајот, уривање и отстранување постојни објекти и други елементи на патот и градежни активности, главно, за земјени работи, дренажа и конструкции.

Во извештајот од надзорот за прогрес на работите во септември, кој Јавното претпријатие за државни патишта го објави на својата веб-страница, стои дека за предвидените активности на терен биле ангажирани 2.277 лица и 1.244 градежни машини.

Продолжиле работите за поставување столбови, темели, греди на мостови, надвозници и подвозници на делницата Тетово – Гостивар (18 километри), Гостивар – Букојчани (30 километри) и Прилеп – Битола (40 километри). Во тек се работите на шест моста, седум надвозници и три подвозници.

До крајот на септември биле извршени ископувања на 4,1 милион кубни метри земја и еден милиони кубни метри материјал за пополнување.

Во септември немало исплати кон изведувачот, кому во август му беа префрлени 1,2 милијарди денари.

Претходно имаше две исплати – во април од 600 милиони денари и од 524 милиони денари и по една во мај од 681 милиони денари, во јуни од 830 милиони денари и во јули 1,2 милијарди денари.

Заклучно со минатата година, пак, беа исплатени 261 милион евра.

Договорот со „Бехтел и Енка“ е во вредност од 1,3 милијарди евра, а работите на терен се спроведуваат од 22 април 2023 година.

ИЗДВОЕНИ