понеделник, октомври 19, 2026
Дома БАЛКАН Во илегална фабрика за цигари во Словенија, пронајдени 34 жртви на трговија...

Во илегална фабрика за цигари во Словенија, пронајдени 34 жртви на трговија со луѓе – работеле во 12-часовни смени без плата

0
Фото: illustration pexels

Словенечката полиција соопшти дека 34 работници – кои сега се сметаат за жртви на трговија со луѓе – биле откриени во најголемата илегална фабрика за цигари некогаш откриена во земјата, лоцирана во Тримлини, близу Лендава.

Митја Јагер, директор на Управата за криминалистичка полиција, денеска на прес-конференција изјави дека групата ја сочинувале 33 државјани на Парагвај и еден државјанин на Бугарија, при што повеќето од нив биле мажи, пренесува словенечкиот медиум „Вечер“.

Пред заминувањето, на парагвајските државјани им била ветена работа во европска фабрика и месечна заработка што се движи од неколку илјади до десет илјади евра. Според полицијата, тие пристигнале во Европа преку големи аеродроми, а потоа отпатувале за Загреб, каде што пристигнале на почетокот на септември. Таму ги пречекал непознат маж, кој со комбе ги пренесол до Лендава, без притоа да им ја открие крајната дестинација.

По пристигнувањето, им биле одземени мобилните телефони. Им било забрането да излегуваат од објектот или да контактираат со своите семејства. Работеле во смени од по 12 часа без никаков надомест, а по двајца работници морале да делат еден кревет, користејќи го наизменично. Просториите за спиење биле преполни, без природна светлина и соодветна вентилација, а храната била недоволна. Фабриката била оградена со двојна ограда и под надзор на систем за видео-надзор.

Полицијата обезбедила сместување за работниците, а во тек се и разговори со нив.

Фабриката била откриена на 13 октомври од страна на службеници на Финансиската управа на Република Словенија (FURS). Душан Печник од FURS објасни дека истражувале лице познато од претходни случаи поврзани со трговија со тутун и очекувале да најдат магацин, a наместо тоа, во хала со површина од околу 2.500 квадратни метри – лоцирана во рамките на поранешниот комплекс „Нафта Лендава“ – откриле индустриски производствен погон.

Во халата биле запленети најмалку 14 милиони цигари и 44 тони тутун. Претходно, во камион биле запленети уште над 14 милиони цигари од истиот бренд, иако сè уште не е потврдено дали тие биле произведени токму во оваа фабрика. Според првичните проценки на FURS, неплатените акцизи надминуваат седум милиони евра. Бидејќи ознаките на пакувањата биле на англиски јазик, Печник претпоставува дека цигарите биле наменети за Обединетото Кралство или Ирска.

Истрагата ја води Националното биро за истраги под надзор на Специјализираното државно обвинителство, а во неа се вклучени повеќе од 80 полициски службеници и криминалистички истражители.

Двајца словенечки државјани, кои спаѓаат под надлежност на Полициската управа Марибор, се осомничени за трговија со луѓе и затајување данок како дел од меѓународна криминална група. Еден од осомничените бил изведен пред истражен судија во Окружниот суд во Мурска Собота, кој по сослушувањето го пуштил на слобода, додека другиот е сè уште недостапен за органите на прогонот.

Во Словенија, за трговија со луѓе е предвидена казна затвор до 15 години, додека за затајување данок казната може да изнесува до 12 години затвор. Полицијата, исто така, соработува со странски агенции и со Европол.

ИЗДВОЕНИ