Втората премиера (односно првата реприза по официјалната премиера што се одржа во јули) на комедијата „Вонземјани“, на авторот Игор Кузмановски, во режија на Васил Михаил, ќе се одигра на 20 октомври, во 20:00 часот, на малата сцена во Македонскиот народен театар.
– „Вонземјани“ е претстава што пулсира во урнебесно комичен жанровски амалгам и ја отсликува нашата реалност во поглед на семејните односи, стереотипите, инвазијата на технологијата, лажните информации и корумпираноста на општествениот систем. Современиот театарски израз ни нуди естетика која е автентична и невообичаена, додека содржината длабоко продира во проблематичните теми на нашето и светско секојдневие. Духовитите дијалози и инцидентните ситуации до работ на апсурд прават социјалната горчлива драма за нашата реалност да биде свежа, комична и емотивна. Сензибилитетот на ликовите и околностите во кои се сместени се несомнено универзални, но затоа што авторот е домашен, тие природно го содржат во себе идентификацискиот код на овие простори. Вонземјанството е човечки симптом. Колку ли луѓе се вонземјани, а не знаат за тоа? – вели режисерот Михаил.
Актерската екипа ја сочинуваат Нино Леви, Марија Новак, Димитрина Мицкоска, Наум Ѓорѓиески, Димитар Паскоски, сценограф е Дарко Дуковски, а костимограф Благој Мицевски.












