– Претставите настануваат како два самостојни репертоарни наслови, но и како диптих што ги поврзува класичната трагедија и современиот театар преку истиот мит за страста, вината и деструктивната љубов. „Федра“ на Расин зборува за свет на силни морални и општествени норми, додека Сара Кејн прикажува време во кое исчезнале авторитетите, смислата и надежта. Поставувајќи ги овие две драми заедно, сакам да отворам дијалог меѓу епохите и да покажам како се променила трагедијата – од општество што сè уште верува во поредок до човек препуштен сам на себе. Претставите може да функционираат одделно, но заедно создаваат едно сценско огледало на нашето време – вели режисерот Дино Мустафиќ, кој во Драмски почна да поставува две претстави – „Федра“
Во Драмски театар Скопје почнаа подготовките за диптих претставите на познатиот босански театарски и филмски режисер, Дино Мустафиќ, и тоа „Федра“ по текст на Расин и „Федра“ на Сара Кејн.
– Во Драмски започна комплексниот предизвик што ќе се реализира согласно со Годишната програма за работа на Театарот. Станува збор за подготовки на диптих претстави работени по текстовите „Федра“ на Расин и „Федра“ на Сара Кејн, во режија на Мустафиќ. Преставите се насловени „Федра“ и „Љубовта на Федра“ – соопштија од Театарот.
Директорот Роберт Вељановски, по повод одржаната прва проба, која се организираше како средба на двете екипи што ќе ги подготвуваат двете одделни претстави, му посака повторно добредојде на режисерот Дино Мустафиќ, кој веќе има работено со ансамблот на Драмски, но и во неколку други театри во Македонија.
– Во наредниот период очекуваме две моќни претстави, гледајќи ја вашата желба за работа, истражување и задоволство што учествувате во еден проект што во себе содржи две претстави кои сочинуваат една целина – рече Вељановски, упатувајќи охрабрување кон актерите и кон уметничкиот тим.
Режисерот Дино Мустафиќ, пак, го сподели задоволството што повторно ќе работи со ансамблот на Драмски театар, за кој смета дека му е добро познат по сензибилитетот и менталитетот и верува дека со овие две актерски екипи ќе се направат две исклучително квалитетни претстави што ќе разбудат силни емоции кај публиката.

Во појаснувањето на своето режисерско читање Мустафиќ вели:
– Претставите настануваат како два самостојни репертоарни наслови, но и како диптих што ги поврзува класичната трагедија и современиот театар преку истиот мит за страста, вината и деструктивната љубов. „Федра“ на Расин зборува за свет на силни морални и општествени норми, додека Сара Кејн прикажува време во кое исчезнале авторитетите, смислата и надежта. Поставувајќи ги овие две драми заедно, сакам да отворам дијалог меѓу епохите и да покажам како се променила трагедијата – од општество што сè уште верува во поредок до човек препуштен сам на себе. Претставите може да функционираат одделно, но заедно создаваат едно сценско огледало на нашето време. Проектот го истражува прашањето на современата трагедија и емоционалната криза на денешното општество, потврдувајќи го театарот како простор на соочување, а не на утеха.
Главниот лик Федра во двете претстави ги игра првенката на Драмски театар Скопје, Јелена Жугиќ.
Во „Федра“ по Расин, освен главниот лик на Федра на Јелена Жугиќ, во актерската поделба се и: првенецот Дејан Лилиќ во ликот на Тезеј, Леонардо Лазов (к.г.) го игра Хиполит, Ивана Павлаковиќ – Ариција, Нина Елзесер – Енона, Златко Митрески – Терамант, Јована Спасиќ – Исмена и ликот на Панопа го игра актерката Трајанка Илиева-Вељиќ.
Во претставата „Љубовта на Федра“ по Сара Кејн, освен главниот лик на Федра на Жугиќ, ќе играат и актерите на ансамблот на Драмски во ликовите на: Тезеј – Александар Степанулески, Хиполит – Лазар Христов, Строфа – Ања Митиќ, Доктор/Свештеник – Дениз Абдула, Маж 1 и 2, Полицаец – Томислав Давидовски, Марјан Наумов и Жена – Гордана Ендровска.
Во уметничкиот дел од екипата што ќе ги работат двете претстави, освен режисерот Мустафиќ, се и Димче Николовски, асистент на режија; Драгутин Броз, сценограф и Антонија Гугинска-Јорданоска, костимограф. Музиката е на Влатко Стефановски, а сценските движења на Филип Петковски.
Во претставата „Федра“ инспициент е Гоце Бојчев, а суфлер Жаклина Цветковска, а во „Љубовта на Федра“ инспициент е Жарко Намичев, а суфлер – Милка Анчевска.
Како што најавуваат од Драмски, двете претстави ќе се работат паралелно, а нивните премиери се очекуваат во септември.












