вторник, октомври 20, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА ВО ЧЕСТ НА 23 ОКТОМВРИ – Историчар Никола Жежов: Моралните вредности на...

ВО ЧЕСТ НА 23 ОКТОМВРИ – Историчар Никола Жежов: Моралните вредности на македонските револуционери

2

Македонските револуционери во најголем дел ги красела скромноста, чесноста, пожртвуваноста, патриотизмот, патријархалниот дух, љубовта кон семејството, пишува во својата колумна познатиот македонскиот историчар Никола Жежов. Во неа, во чест на скорешниот празник 23 Октомври – Ден на македонска револуционерна борба – тој додава и дека ВМРО како организација била изградена врз високи идеали од група на македонски интелектуалци кои ги водела љубовта кон Македонија.

Колумната ја пренесуваме интегрално:

Човечката цивилизација забрзано оди кон висок технолошки развој и промените се случуваат на дневно ниво. Модернизацијата е длабоко навлезена во секој  сегмент на општеството. Промените се незапирливи, никој не може да се спротивстави на новите идеи и напредокот, историјата тоа безброј пати го докажала. Вештачката интелигенција е доказ за тоа дека светот драматично е променет и сѐ помалку има потреба од човекот како основен столб на тоа што до денеска го знаевме како поим наречен човечка цивилизација. Во вакви нови променети услови историјата како хуманистичка наука чиј основен предмет на научен интерес е токму човекот, исто така се наоѓа пред еден огромен предизвик. Неизвесноста пристигна и пред вратата на историчарите кои можеби во не така далечна иднина ќе треба да се преквалификуваат за потребите на новото време. Имајќи ја во предвид новонастанатата ситуација, се повеќе се поставува прашањето за тоа колку човекот ќе има улога во создавањето на иднината, а со тоа, по извесно поминато време, колку и како ќе се пишува за човекот како двигател на историските процеси и настани. Ќе се изгубат ли главните особини на човечкиот карактер? И во сегашноста во која живееме се помалку простор се остава на проучувањето на човекот низ историјата, се занемаруваат основните црти на човечкиот карактер: емоциите, чувствата, љубовта, па и самиот патриотизам односно родољубието, приврзаноста кон својата татковина. Со ваков футуристички пристап имам намера да навлезам во нашата македонска реалност, во предвечерието на 23 октомври, Денот на македонската револуционерна борба! Ден кога ја празнуваме улогата на човекот, Македонецот, македонскиот револуционер, во борбата за ослободување на Македонија и нејзино конституирање како автономна или независна држава. Кога се објаснуваат ваквите светли датуми во македонската историја речиси секогаш се нагласува политичкиот момент, борбите, победите, поразите, хронологијата на настаните, а човекот, Македонецот, македонскиот револуционер обично се претставува како единка која поминува низ овие премрежија и бури, без да се навлезе во суштината на човечкиот карактер каде доминираат: тагата или радоста, бунтовноста или пасивноста, разочараноста или ентузијазмот, скромноста или надменоста, храброста или кукавичлукот, издржливоста или предавството, чесноста или алчноста.

Да, се поставува прашањето- какви навистина биле македонските револуционери од историската ВМРО? Во овие современи времиња од XXI век кога удобноста и комоцијата се длабоко навлезени во човечките животи, кога хедонизмот и потрошувачкото општество се задолжителен белег на човекот, за жал новите млади генерации тешко можат да ги сфатат македонските револуционери, да ја разберат суштината на нивните идеали, да си ги претстават нивните желби, стремежи, надежи и стравови. Токму на овој празник, 23 октомври е вистинското време да се вратиме назад во историјата пред повеќе од еден век и макар и за момент да се обидеме да се ставиме во улогите на Гоце, Даме, Никола, Христо, Јане, Пере, Ѓорче, Тодор, Јордан, Методија, Васил, да ѕирнеме малку во нивните души и да ги почувствуваме тешките, но славни времиња на македонската ВМРО, организацијата која и денеска е втемелена во основите на Македонија како независна држава.

Македонските револуционери во најголем дел ги красела скромноста, чесноста, пожртвуваноста, патриотизмот, патријархалниот дух, љубовта кон семејството. ВМРО како организација била изградена врз високи идеали од група на македонски интелектуалци кои ги водела љубовта кон Македонија, а градењето на организациската мрежа низ целата територија на Македонија ја правеле чекор по чекор, со агитација од човек на човек и без никакви финансиски средства, без никаква помош од било која држава. Идејата за автономија на Македонија била вистински привлечна и прифатлива за македонските селани, граѓани, чорбаџии, трговци, занаетчии, кои масовно се вклучувале во редовите на ВМРО. Гоце Делчев бил нејзиниот неформален водач до неговата смрт, ја поминал целата територија на Македонија, масовно покрстувал членови во ВМРО со заклетва пред кама, револвер и Евангелие, во присуство на свештеник и тоа во доцните ноќни часови под заштитата на ѕидовите на македонските цркви и манастири. Гоце по својот карактер бил вистински аскет. Живеел скромно. Дури и додека бил учител низ македонските градови, службата ја поминувал со само еден пар панталони, палто и елече. Како резултат на нередовната исхрана и тешкотиите на илегалната револуционерна дејност, Делчев се здобил со хронични стомачни болки кои го следеле до крајот на животот. Многу често, селаните знаејќи ја неговата мака, при престојот во нивните куќи му давале подготвени народни лекарства за неговиот здравствен проблем. Додека бил Задграничен претставник на ВМРО во Софија, македонските емигранти кои го познавале често можеле да го забележат во неговото трошно палто и излижани стари чевли како се храни во најсиромашните бакалници во градот. Дел од парите од аферата Мис Стон, вкупно 14.500 турски лири се чувале и кај Делчев и неколкумина македонски револуционери од раководството на Организацијата. И Делчев и другите истакнувале: „Немавме леб да јадеме, но од мисстонките никој не чепна!“. Гоце како и многумина револуционери, иако патријархално воспитан, заради посветеноста на Делото и прераната смрт, никогаш не се оженил. Живот посветен на Македонија!

Даме Груев бил еден од најдобрите организатори и авторитети на ВМРО. Неговите аргументирани зборови, смирениот тон на говорење, убедливоста при неговите беседи биле причина за омасовување на Организацијата. Пере Тошев бил молчаливецот, но одличен организатор на теренот при фомирањето на револуционерните комитети. Ѓорче Петров го имал одржано најдолгиот говор пред собрани членови на Организацијата: непрекинато зборувал околу 5 часа без да биде прекинат од некого! Тој бил еден од најдобрите оратори што ВМРО некогаш ги ималаво своите редови. Христо Матов бил член на раководството што напишал најмногу брошури во форма на книги, ги поставил теоретските основи на ВМРО, а некој го нарекувале и македонскиот Плеханов! Скромен, повлечен, оддаден на идеалот за слободна Македонија, животот го завршил со тешка болест, сиромав, заборавен од сите, во тешки емигрантски услови во Софија. За неговиот погреб да биде достоинствен, пари собирале македонските емигранти во Бугарија! Дури и Борис Сарафов, кој важел за револуционер кој по начинот на живот сакал да се доближи до западноевропската цивилизација и нејзините тогашни удобности, секоја вечер во точно определено време кога бил во Софија, вечерал во кругот на неговото големо семејство и во присуство на неговите родители! Тоа било одраз на добро семејно воспитување во традиционален македонски патријархален дух! Јане Сандански, кој важел како строг, но правичен човек и револуционер, најголем дел од времето го поминувал во всадувањето на свеста кај селаните дека треба да се описменат и да имаат добри хигиенски навики! Како изразен противник на конзумирањето на алкохол, кога еднаш бил запрашан од негови соборци, зошто не се напие барем чаша вино, одговорил: „Ќе се напијам една чаша вино, само кога ќе ја ослободиме Македонија, сега ќе пијам вода.“ Тодор Александров бил и физички и духовно олицетворение на аскетски живот! Женет, со две деца, не пушел, не пиел алкохол, живеел скромно и остро се спротивставувал од позиција на член на ЦК на ВМРО на секој, макар и најмал вид на раскошно живеење од организационите членови.

Впрочем и Правилникот на ВМРО пропишувал скромно живеење, не само на членството на Организацијата, туку и на македонскиот народ за чија што слобода се бореле македонските револуционери. Им се забранувало на македонските жени да носат златен накит во услови кога Македонија се наоѓала под ропство, а остро се казнувале и оние жени кои не се придржувале до традициите на македонското патријархално семејство. Тоа не ја ставало македонската жена во нерамноправна позиција, туку напротив ја издигнувало на пиедестал како најважен столб на македонското семејство! Организацијата, ако евентуално добиела поплака за насилство врз жена, нејзиниот сопруг веднаш бил казнуван за таквата постапка. Раководството на ВМРО жестоко ги казнувало и сите пројави на блуд и неморал! Правилникот предвидувал смртна казна доколку некој комита или војвода обесчести жена или девојка. Кога комитите поминувале во присуство на жени, ги наведнувале своите глави, не сакајќи дури и да погледнат кон нив! Чин достоен за апостоли и праведници! За неморален и штетен за Организацијата и Македонија се сметал и секој нејзин член кој се пијанчел, јавно зборувал за нејзиното постоење или пеел патриотски песни на јавни места! Во повеќе наврати во периодот помеѓу двете светски војни, членови на ВМРО со бомби и динамит ги напаѓале кафеаните каде пееле пејачки дојдени од Србија, со цел да се спречи претераното конзумирање на алкохол на јавни места, чин што се сметал за неморален. Патриотизмот не се изразувал декларативно, со песни, туку со макотрпна, тајна револуционерна дејност на теренот, помеѓу населението. Постојат повеќе примери за ваков вид на неморал кога раководството на ВМРО изрекувало и извршувало смртни казни. Кога ќе загинел некој комита или војвода, Организацијата се грижела за неговото семејство. Таа го финансирала школувањето на децата на загинатите, а се грижела и за честа на сопругата на загинатиот! Ако некој посегнел по жената, долгата рака на ВМРО го стигнувала и најсурово го казнувала престапникот! ЦК на ВМРО во времето на Тодор Александров со одлука, доживотно му доделувала месечни финансиски средства на Никола Делчев, таткото на Гоце Делчев, заради заслугите на неговиот син за македонската кауза! На крајот, ВМРО била бескомпромисна кон предавниците, шпионите и колебливците! Смртна казна му се изрекувала на секој организационен член ако имал издадено тајна на Организацијата или ако се потврдело дека соработувал со турската власт и балканските пропаганди во Македонија. Ако некој се зачленел во ВМРО со заклетва, тоа требало да остане трајна определба, начин на размислување и животна цел. ВМРО изградила паралелна држава во периодот на отоманската власт, а нејзините инситуции и тела останале невидливи за поробувачите и кога Македонија била поделена помеѓу Србија, Бугарија и Грција. Ваквиот однос и поставеност на Организацијата го зацврстила нејзиниот углед кај Македонците и другите националности во Македонија. ВМРО си создала име кај народот, го подготвувала за револуционерна борба, но народот и враќал со огромна поддршка и доверба. Затоа ВМРО се издигнала во митска, легендарна организација, народот испеал многу песни во нејзина чест, песни за херојствата на Гоце Делчев, Даме Груев, Никола Карев, Васил Чакаларов, Методија Патчев….Во македонската народна традиција на родољубиви песни со патриотска содржина македонскиот народ, најмногу песни испеал во чест на војводата Јордан Пиперката! Луѓето ја ценеле и почитувале човечноста, емпатијата, чувствата на таквата македонска организација, грижата од нејзина страна кон обичниот човек, Македонецот, кој возвраќал со тоа што ја поддржувал, ја криел и ја помагал и во нејзините најтешки моменти! Затоа и сега, од временска дистанца на еден век, македонскиот народ со пиетет се однесува кон улогата на ВМРО и македонските револуционери во борбите за ослободување на Македонија.

Авторитетот, името и популарноста се заслужуваат, не можат да бидат подарени и оттаму, митолошкиот карактер што ВМРО си го изградила за себе, не се должи на фабрикувана историја од некои историчари, туку на колективното паметење на македонскиот народ што се префрлувало од колено на колено и кога не сме имале своја држава. Храброста, чесноста, скромноста, посветеноста, аскетизмот се човечките одлики на македонските револуционери кои успеале да допрат до душата на напатениот и поробен македонски народ и ВМРО да ја издигнат во вистинска народна организација.

Погоре напишаното, денес, по толку поминато време кај новите македонски генерации можеби делува како некаква утопија. Но, добро е на ваков празник како 23 октомври да се потсетиме на овие подзаборавени вредности и да ги упатиме помладите да се уверат дека тоа не е измислено, а потврда за тоа да пронајдат во читањето на книги со историска содржина. За момент, нека ги остават на страна современите електорнски уреди и нека се нурнат во волшебниот свет на книгите кои сеуште и по толку голем технолошки развој на човештвото, немаат алтернатива и се уште се незаменлив извор на знаења! На тие страници ќе го откријат и вистинскиот карактер и лик на македонските револуционери! Така и повеќе ќе ја ценат и сакаат својата татковина Македонија!

Во името на идејата за слободна и независна Македонија и херојската жртва на македонските револуционери од ВМРО, нека е честит и вековит претстојниот празник 23 октомври, Ден на македонската револуционерна борба!

ИЗДВОЕНИ