Пожарите во околината на Скопје ја зедоа првата жртва. Од МВР информираа дека во близина на железничката станица „Ѓорче Петров“, кај мостот на Лепенец, настанал пожар на сува трева, кој се проширил и зафатил неколку помошни простории и штали во кои имало домашни животни. Пожарот бил изгаснат од скопската Бригада за противпожарна заштита, а во една од помошните простории било пронајдено изгорено човечко тело, како и изгорени тела од добиток. И денеска имаше уште неколку пожари на отворено, а посериозен е оној што беснее меѓу селата Блаце и Чучер-Сандево, каде што проблем се теренот и ветрот. Последните информации беа дека е во опасност и манастирот „Свети Никита“ од 13 век. Сериозен е и пожарот во Самоков, кај Македонски Брод, кој му се заканува на селото Рамне. Поради сериозноста во гаснењето на двата пожара, побарана е воздушна поддршка. Владата се подготвува со нови возила во справувањето со пожарите, преку адаптирање на стари воени возила, но и преку екипирање со нови пожарникари. Ќе се ангажираат и 400 невработени лица, кои ќе добиваат по 24.000 денари плата
И денеска имаше неколку пожари на отворено, а посериозен е оној што беснее меѓу селата Блаце и Чучер-Сандево, каде што проблем се теренот и ветрот. Сериозен е и пожарот во Самоков, кај Македонски Брод, кој му се заканува на селото Рамне. Поради сериозноста во гаснењето на двата пожара, побарана е воздушна поддршка.
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, сепак смета дека не е алармантна состојбата со пожарите и очекува оној кај Блаце да биде локализиран, но не и целосно изгаснат поради ветрот.
– Особено на тие поголеми височини над илјада метри, ветрот прави дополнителни проблеми и го менува правецот, што е карактеристика кај сите пожари, така што истовремено се бориме и со огнот и со ветрот – рече Ангелов.
Тој посочи дека догорче од цигара покрај самиот магистрален пат е можна причина за настанувањето на пожарот, а не е исклучено и да е подметнат.
– Уште кога го видовме на почетокот, знаевме дека ќе имаме тежок пожар, бидејќи теренот е екстремно стрмен и непристапен и ни се случува токму тоа. Претежно горат грмушки и нискостеблести растенија, неквалитетна шума и трева, а екипите за гаснење спречиле на неколку места да се прошири пожарот на квалитетната борова шума околу стрелиштето Стенковец – рече Ангелов.
Во акцијата за гаснење на пожарот, покрај хеликоптерот „augusta-bell AB -212АМ.ite“, прв пат сезонава се вклучи и „ер тракторот“ на Дирекцијата за заштита и спасување.
– Интервенцијата е отежната бидејќи пожарот зафати голема површина. Се вложуваат максимални напори за да се стави ситуацијата под контрола. Воздушните сили се од клучно значење во тековната фаза на интервенцијата, бидејќи овозможуваат дејствување во зони до кои екипите на земја немаат пристап. Акцијата продолжува со засилен интензитет, а на терен се ангажирани и екипи од Противпожарната единица и од Шумската полиција – потенцираат од ЦУК.
Пожарите во околината на Скопје ја зедоа првата жртва. Од МВР информираа дека на 6 јули во 18:00 часот, во СВР Скопје било пријавено дека кај мостот на реката Лепенец, во близина на железничката станица „Ѓорче Петров“, настанал пожар на сува трева, кој се проширил и зафатил неколку помошни простории и штали во кои имало домашни животни.
– Пожарот е изгаснат од Бригадата за противпожарна заштита – Скопје, а во една од помошните простории било пронајдено изгорено човечко тело, како и изгорени тела од добиток – информираа од МВР и најавија дека се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Ангелов нагласува дека секојдневно, попладне, кога се приближуваат температурите до 40. степен, се појавуваат нови пожари. Тој апелира до граѓаните да бидат внимателни, да не се приближуваат до пожар и да ги почитуваат сите насоки и предупредувања.
– Граѓаните да бидат внимателни, бидејќи едно мало невнимание може да предизвика трагедија – рече директорот на ДЗС.
Повторно активиран пожарот во Самоков, загрозено селото Рамне
Денеска околу 13:00 часот повторно беше активиран пожарот во кругот на фабриката за оружје и муниција АТС АММО во населбата Самоков. Од Центарот за управување со кризи информираа дека во ноќните часови била забележана експлозија на буре со хемикалии складирани во веќе зафатениот магацин. Во текот на денот дошло и до втора експлозија на друго буре со хемикалии, по што пожарот повторно се активирал и предизвикал горење на ниска вегетација и површина со трева и дрвја, и во кругот и надвор од кругот на фабриката.
Очевидци предупредија дека од пламените јазици е загрозено селото Рамне. Итно беа преземени мерки за гаснење на пожарот и покрај интервенцијата со противпожарна екипа со едно возило од ТППЕ Македонски Брод, градоначалникот на Општина Македонски Брод побара поддршка од ТППЕ Прилеп и од ТППЕ Кичево.
Градоначалникот на Општина Македонски Брод, преку повикувачкиот број за итни случаи 112, официјално побара воздухопловна поддршка за помош на копнените сили во справувањето со пожарот.
Ќе се вработат 400 пожарникари
Топлото и многу сушно време што се очекува во текот на јули и на август, е предуслов за пожари на отворено. Владата се подготвува со нови возила во справувањето со пожарите, преку адаптирање на стари воени возила, но и преку екипирање со нови пожарникари. За таа цел, Владата прв пат воведува програма, која е насловена „Јавни работи за заштита и превенција од пожари“, преку која ќе се ангажираат 400 невработени лица.
– Овие лица ќе бидат ангажирани за создавање противпожарни појаси и за други активности за спречување и намалување на ризикот од пожари. Секој ангажиран учесник ќе добива месечна финансиска поддршка од 24.000 денари. Сите оние што ќе покажат особен интерес, посветеност и висока подготвеност, по завршувањето на оваа мерка, ќе бидат трајно ангажирани преку вработување во институциите што се надлежни за оваа работа – најави портпаролката на Владата, Марија Митева.
Според неа, оваа мерка има двоен ефект: социјален и еколошки.
– Од една страна, обезбедуваме приход и вклучување на невработените лица, со што им даваме конкретна поддршка на ранливите категории граѓани, односно на невработените. Од друга страна, создадовме функционален и одржлив систем на заштита од пожари, кој е предвидено да опфати 14 општини во државата, општини каде што имаме територијални противпожарни единици – потенцира Митева.
Пријавувањето ќе се одвива транспарентно, преку јавен повик, кој ќе биде објавен од општините.
– Локалните самоуправи, во овој случај, ќе имаат активна улога во спроведувањето, затоа што борбата против пожарите е одговорност што ја споделуваме од централно до локално ниво – нагласи Митева.
Топлотен бран, како да се заштитиме?
Високите температури во Македонија активираа зголемени мерки за заштита на населението од топлотниот бран. Владата, по препорака на Министерството за здравство, ја активираше фазата 3 за превенирање на последиците од топлотните бранови врз здравјето на населението, која ќе трае до среда.
Во овој период се препорачува ослободување од работните обврски за бремените жени и за лицата постари од 60 години. Ова не се однесува на вработените во критичната инфраструктура (здравството, полицијата, Армијата, транспортот, енергетиката, јавните комунални претпријатија).
Работниот процес треба да се одложи во периодот од 11:00 до 17:00 часот за работниците што се изложени на директна топлина. Исто така, се препорачува работа од далечина, флексибилно или двократно работно време каде што е изводливо, обезбедување микроклиматски услови за работа од страна на работодавците согласно со акцискиот план, односно простории со температура до 25 Целзиусови степени, освен таму каде што природата на работниот процес налага поинаку.
Исто така, активирани се и планови за вонредни услови, и сите здравствени установи, установи за згрижување стари лица и образовни институции да постапат согласно со интерните протоколи за кризна состојба.
– Мерките имаат цел да обезбедат континуирана и ефикасна заштита на здравјето на населението преку превентивно дејствување и соодветна институционална подготвеност – посочуваат од Министерството за здравство.
Според најавите на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), топлотниот бран ќе трае до среда, а за утре се очекува многу топло време, при што температурата ќе надмине и 40 степени. Освежување се очекува од среда, кога ќе дува засилен северен ветер, кој ќе предизвика опаѓање на дневната температура.
(С. Бл.)