„Зора је сванула“, „Нада“, „Жута ружа“, „Остала си увијек иста“, „Вирујем у те“, „Прва ноќ са њом“, „Јужњаци“, „Ако ме оставиш“, „Такав је живот“, „Стари Пјер“ се добро познатите песни кои сега „дишат“ поинаку!
Влатко Стефановски, еден од добро познатите гитарски виртуози на овие балкански простори, има нов мошне интересен проект. Иако никогаш досега не се занимавал со класичните шлагери, Стефановски сега го прави тоа, но на сосема поинаков и свој начин. Тој издаде ново дигитално издание во продукција на загрепската куќа „Кроација рекордс“ (поранешен „Југотон“), на кое се наоѓаат инструментални верзии на песните од големиот ексјугословенски хитмејкер – Ѓорѓе Новковиќ. Со ова издание, „Кроација рекордс“ дополнително ја проширува музичката приказна за славниот Ѓорѓе Новковиќ. Сега преку гитарата на Влатко Стефановски.
Новковиќ беше големо композиторско име во светот на шлагерската музика, победник на огромен број забавно-музички фестивали во поранешната држава. Преку неговите песни многу пејачи станаа популарни, но многумина од нив и брзо се заборавија откако веќе ги немаат песните на Новковиќ на својот репертоар.
Но, во овој случај, итар е нашиот Влатко, па одлично „намириса“ што ѝ недостасува на публиката. Тоа е таа колекција од десет безвременски хитови во целосно инструментално (ново) руво, отсвирени во неговиот препознатлив и оригинален стил. Специјалното дигитално издание „Guitar sings“ ги донесува инструменталните верзии на хит-песните: „Зора је сванула“, „Нада“, „Жута ружа“, „Остала си увијек иста“, „Вирујем у те“, „Прва ноќ са њом“, „Јужњаци“, како и три песни во чии вокални верзии учествуваат Петар Грашо („Ако ме оставиш“), Борис Новковиќ („Такав је живот“) и Миа Димшиќ („Стари Пјер“). Овој пат тие песни „дишат“ поинаку: со полнокрвната гитарска експресија на Стефановски, која ја истакнува мелодиската сила на композициите на хитмејкерот Ѓорѓе Новковиќ.
Овие инструментали се снимени како засебен уметнички концепт, создавајќи атмосфера што истовремено пренесува носталгија и современост. Дигиталното издание е достапно на сите стриминг-платформи. До крајот на годината, проектот ќе биде објавен и на цеде. На почетокот од 2026 година ќе има и винил издание во вид на ЛП-албумот, големата грамофонска плоча. (Д. М.)












