четврток, јуни 4, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА ВЛАДИКАТА ПЕТАР СЕ ПОВЛЕЧЕ ОД АВСТРАЛИЈА, НО ОСТАВИ АМАНЕТ: Ќе се повторуваат...

ВЛАДИКАТА ПЕТАР СЕ ПОВЛЕЧЕ ОД АВСТРАЛИЈА, НО ОСТАВИ АМАНЕТ: Ќе се повторуваат ли опелата на веќе умрените Македонци во Австралија?

1977
На последното Епархиско собрание со кое раководел владиката Петар е побарано Светиот синод на МПЦ-ОА да донесе одлука и да даде шестмесечен рок за да се извршат верските обреди одново во другата Епархија бидејќи претходните биле невалидни. „Одлуката е апсурдна и неприменлива бидејќи нашата Епархија е уредно создадена токму од Синодот и работи согласно на црковните правила“, наведуваат сонародниците Ицо Најдовски и Игор Аврамовски.

Апсурдно е повторно да се вршат крштавки, венчавки и погреби во Австралиско-сиднејската епархија бидејќи биле правени според сите црковни канони за време на управувањето на починатиот владика, Тимотеј. Ваква реакција доаѓа од македонските иселеници од најмладата, втората епархија на МПЦ-ОА, откако на неодамнешното Епархиско собрание на првата Австралиско-новозеландската епархија било упатено барање до Светиот синод на МПЦ-ОА тие црковни треби да мора повторно да се извршат бидејќи ги направиле осудени и расчинети свештеници. На Собранието на Австралиско-новозеландската епархија одржано на 12 јануари и на кое доскорешниот администратор, владиката Петар, се прости од Епархијата, беше усвоено ваквото барање.

– Епархиското собрание бара САС на МПЦ-ОА целосно да ги спроведе своите донесени одлуки и ставови за извршените треби од расчинетите свештеници, кои се невалидни, при што се дава рок од 6 месеци за верниците да се обратат кај легитимните свештеници, за повторно извршување на требите, но со соодветна такса, согласно со таксеникот за треби, стои во одлуката на епархиското собрание на Австралиско-новозеландската епархија.

Претходно, се потсетува дека се работи за сите расчинетите свештеници и свештено-монашки лица, кои не се жалеле на пресудите од првостепените (Епархиските црковни судови), како и црковните обвинители, кои не ги обжалиле пресудите пред Апелациониот суд и поради што пресудите се правосилни и не може да се сменат. Сето тоа, како што се наведува, е поради прекршување и непочитување на Актот (Став) на САС на МПЦ-ОА бр. 164 од 2015 г., кој се однесува за отстранување на расчинетите свештеници на МПЦ-ОА.

Освен ова, Епархиското собрание бара Светиот синод на МПЦ-ОА да донесе одлука со која сите расчинети лица да бидат третирани исклучиво како мирски лица.

– А екскомуницираните мирски лица Ицо Најдовски и Игор Аврамовски да се третираат само како неверници, и ним да не им се дозволува прием и комуникација со архиереите и свештените лица на МПЦ-ОА – стои во одлуката.

Ваквите епархиски одлуки кои се донесени на крајот на управувањето на владиката Петар, очигледно, имаат корен во судирите и кавгите, кои сè до 2015 година ја потресуваат дотогаш единствената Австралиско-новозеландска еперхија на МПЦ-ОА. Познато е, повеќе македонски црковни општини тогаш дојдоа во конфликт со него бидејќи не сакаа да дозволат тој да стане управител и со општински имоти. По дведецениските кавги, Синодот на МПЦ-ОА во 2016 година донесе одлука со која го прифати Статутот на новоформираната Австралиско – сиднејска епархија и за чиј администратор го постави митрополитот Тимотеј. Потоа, на 23 февруари 2017 година, беше регистрирана  епархијата како правно лице пред австралиските власти и признаена како Црква и со што тие верски храмови си продолжија со уреден верски живот извршувајќи ги сите потребни венчавки и крштавки. Односно, со тоа настрана се тргнаа сите одлуки за расчинувања и забрани изрекувани на свештените лица во периодот на кавгите од органите на Австралиско-новозеландската епархија и владиката Петар.

Игор Аврамовски и Ицо Најдовски, за кои владиката Петар и натаму бара да бидат третирани како екскомуницирани, за весникот ВЕЧЕР изјавуваат дека се апсурдни барањата за повторни венчавки, крштавки и погреби.

– Тоа е апсурдно барање, но тоа не е ништо ново од владиката Петар. Таквите одлуки за мене се очекувани, но се и антихристијански. Зарем е возможно да се прекрстуваат, превенчаваат и да се препогребуваат? Зарем е нормално ова, зарем е Христово учење. Ако го прифатиме „учењето” на Петар, тогаш широко се отвораат вратите на СПЦ, БПЦ и ГПЦ да побараат сѐ што е крстено, венчано и погребано во Македонија да се прогласи за еретичко и антихристово оти чиновите биле направени од расколници владици и свештеници кои не се признати и денес – наведува Ицо Најдовски.

За Игор Аврамовски, барањето е апсурдно и неприфатливо и од причина што владиката Петар воопшто не е надлежен за нивната епархија.

– Тој и неговиот наследник немаа ама баш никаква јурисдикција да одлучуваат за што било во црквите на регистрираната Австралиско-сиднејска епархија. Во 2016, по првпат во историјата на МПЦ регистриравме епархија како правно лице во дијаспората, на чело со дедо Тимотеј, со благослов од Синодот. Сите наши сегашни свештеници се одобрени од дедо Тимотеј. Ако, пак, Синодот го погази тоа што го прифатил/ветил, овој пат самостојна задгранична црква ќе биде трајно решение за нас – предупредува Аврамовски.

Тие додаваат дека и покрај екскомуникацијата изречена од владиката Петар, тие редовно одат во црквите во својата епархија во Австралија и во Македонија.

–Јас редовно одам во нашата македонска црква „Св Ѓорѓи“, првата македонска православна црква во иселеништвото од 1960 година. Одам во сите храмови што беа со дедото Тимотеј, а во Македонија се среќавам со владици како Агатангел, новиот митрополит Георгиј и другите достоинственици – нагласува Најдовски, кој живее во Мелбурн.

И Игор Аврамовски вели дека одлуката за негова екскомуникација не е важечка пошироко.

– Можам да одам во која црква сакам. Управувам со општината под која спаѓаат катедралата „Св. Кирил и Методи“ во Сиднеј и „Св. Никола“ во Сиднеј.  Скоро сум бил и во црквите во Џилонг, Епинг, Сиднам, Волонгонг, Бризбан, Голд Кост, Рокдејл… – објаснува Аврамовски, кој е генерален раководител на Македонската православна општина за Австралија со седиште во Сиднеј.

Каков став во однос на овие барања ќе заземе Светиот синод на МПЦ-ОА, останува да се види. (Б. Ѓ.)

Имотите префрлени во Траст

Инаку, на Собранието на Австралиско-новозеландската епархија се донесе едногласна одлука, секоја црква, парохија и манастир, да го префрли имотот во Траст (доверителство) на Корпорацијата на МПЦЕАНЗ, со цел заштита на имотот од непредвидени судски постапки и злоупотреби. Митрополитот Петар објави дека резиденцијата во која престојува, а која и со Одлука на САС на МПЦ, му беше доделена како надомест за повеќе од 8 години непримени плати, доброволно ја предава на Епархијата. Останатите негови лични средства, додека бил епархиски архиереј, ќе бидат внесени во фондација која ќе се формира за потребите на кадри, кои ќе се образуваат во богословија и на факултети, за потребите на оваа Епархија.

ИЗДВОЕНИ