Дел од скопските општини донесоа одлука да им доделат на пензионерите со ниски примања, еднократно, по две и пол илјади денари. Таква одлука донесоа општините Кисела Вода, Гази Баба, Бутел и Центар, со тоа што првите две веќе им ги поделија парите на пензионерите, а во другите сè уште траат јавните повици за доделување финансиска поддршка.

И додека градоначалниците на овие општини потенцираат дека со оваа мерка се грижат за една од најпогодените категории граѓани и дека грижата за нив не е само обврска туку и човечка и морална одговорност, други сметаат дека, заедно со повисоките пензии планирани за септември, овие пари ќе им стигнат на пензионерите тамам пред изборите – за купување гласови.

Така, од Општина Кисела Вода сметаат дека со еднократната помош од 2.500 денари ќе им се подобри животот на пензионерите. Со оваа мерка на Општина Кисела Вода се опфатени вкупно 3.200 пензионери, на кои им се исплаќаат парите директно на трансакциските сметки. Станува збор за жители на Општината што се приматели на старосна, инвалидска, семејна или на социјална пензија, а чии месечни примања не надминуваат 22.640 денари.

Мерката, како што велат од Општината, има цел да го подобри животниот стандард на повозрасната популација и, покрај директната финансиска помош, го вклучува и покривањето на персоналниот данок.

– Нашите највозрасни сограѓани се столбот на државата и на нашето општество. Со почит кон нивниот труд и животниот придонес, продолжуваме да градиме заедница во која секој е вреднуван и поддржан – вели градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.

И Општина Гази Баба додели по 2.500 денари на вкупно 1.448 пензионери, како дел од својата активна политика за грижа и поддршка на ранливите категории граѓани. Исплатите беа реализирани по групи, па така прво беа опфатени 510 пензионери, потоа уште 568 и во третата група беа исплатени 370 корисници на ниска пензија.

– Пензионерите што живеат со ниски примања се една од најпогодените категории и затоа грижата за нив не е само обврска туку и човечка и морална одговорност. Целта е ниту еден пензионер со ниски примања да не биде изоставен – истакна градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски, кој најави дека поддршката за пензионерите ќе продолжи и во наредниот период.

Во Општина Бутел, во тек е јавен повик за доделување еднократна финансиска помош и поддршка во висина од 2.000 денари на најранливата категорија пензионери со минимална пензија. Јавниот повик беше отворен на 19 јуни и ќе трае до 13 јули. Се однесува на пензионерите што имаат постојано живеалиште на територијата на Општина Бутел, а се приматели на старосна, семејна или на инвалидска пензија чиј износ не е повисок од 18.192 денари. Исплатата ќе биде на принципот „прв дојден – прв услужен“.

Јавен повик за доделување финансиска поддршка на пензионерите во социјален ризик вчера објави и Општина Центар, кој трае до 18 јули. Еднократната помош изнесува 2.500 денари и ќе се доделува по принципот „прв дојден – прв услужен“, сè до исцрпување на средствата предвидени за таа намена во буџетот на Општина Центар за оваа година, во висина од 5 милиони денари.

Оваа помош се однесува само на пензионерите што се со постојано живеалиште на територијата на Општина Центар и се приматели на старосна, семејна, инвалидска пензија или на социјална пензија (корисници на правото на социјална сигурност на стари лица) чиј износ не е повисок од 26.157 денари.

– И годинава не ги забораваме пензионерите. Продолжуваме со поддршката на нашите највозрасни сограѓани. Оваа мерка е знак на нашите постојани грижа и солидарност – изјави градоначалникот Горан Герасимовски.

Комисијата за селекција, формирана од градоначалникот на Општина Центар, ќе ги разгледува и ќе одлучува за поднесените барања за остварување на правото за финансиска поддршка, а за оние што ги исполнуваат условите ќе се изготви решение за доделување финансиска поддршка, врз основа на што Секторот за финансиски прашања на Општина Центар ќе ја изврши исплатата на трансакциските сметки на барателите. Исплатата ќе биде реализирана до крајот на годинава.

(С. Бл.)

ИЗДВОЕНИ