Фестивалот „Виолин фест“, познат по својата мисија да им даде сцена на младите виолинисти, годинава го одбележува своето 11. Издание, и тоа со симболично враќање таму каде што започна сè, во Битола.
Офф програмата „Виолин фест 2025“ почнува на 8 мај, во 12:00 ч., кога ќе се одржат јавен час и презентација на фестивалот во Музичкото училиште во Битола. На 12 мај, пак, од 20:00 ч., во Битола ќе се одржи концерт во Офицерскиот дом, со настапи на млади виолинисти од музичките училишта од Битола, Прилеп и од Охрид.
Главниот концерт на Виолин фест ќе се одржи на 9 јуни во 20:00 часот, во Камерната сала на Македонската филхармонија во Скопје.
Фестивалот е основан од виолинистот Владимир Костов, чии први музички чекори, исто така, водат до Битола. Од училишните клупи до големите сцени – неговата инспиративна приказна станува и приказна на сите оние што го препознаваат „Виолин фест“ како простор каде што младите таленти добиваат глас, шанса и публика што слуша со отворено срце.
– Оваа година, фестивалот не е само уште едно издание. Тој е посветеност на виолината како инструмент – од скромност до страст, од Битола до Скопје, па и светот, од првата нота до аплаузот што значи „продолжи“ – истакнува Костов.
Влезот за сите настани е бесплатен. Проектот е поддржан од Министерството за култура.