Големата естрадна дама, со право кажано една од првите три дами на македонската народна музика, сè уште прекрасно изгледа, токму така – дамски. Зад себе има долга, богата пејачка кариера, која трае 67 години. Од пред некоја година таа е во пензија, но никогаш официјално не се откажа од пеењето и од сценските настапи
Како што минатата година, кога најтесното семејство ѝ приреди големо пријатно роденденско изненадување со новата одлична верзија на нејзиниот вечен хит – „Молитва“, снимена и испеана од членовите на нејзиното пошироко семејство, така и оваа година македонската музичка дива, Виолета Томовска, си доби оригинален подарок за 81. роденден. За вечно сеќавање. Повторно за тоа се „виновни“ нејзините две грижливи ќерки, Невенка и Маја.
Виолета со голема почит беше поканета да пее на концертот „Миланова игра“, во чест на маестро Милан Завков, со кого често соработуваше. На сцената ја испеа нивната заедничка песна, „Камен да беше срцево“, која двајцата многу ја сакаа. Потоа сите нејзини колеги учесници излегоа пред публиката, јавно и во еден глас да ѝ ја отпеат роденденската честитка. Виолета за малку ќе заплачеше од големата пријатна возбуда, но се воздржа. Неа, сепак, гласот уште ја држи. Моќно згрме со микрофонот в раце, и тоа во живо, кревајќи ја публиката на нозе. По настапот, сепак, скромно ни се пожали дека и покрај цврстата волја, едвај стои на нозе. Проблемот е во тоа што има болки во колената. Но, желбата за песната никогаш не ја напушти. Песната е нејзиниот живот, вели, и така ќе остане сè до збогувањето со овоземниот живот.
Помалата ќерка на Виолета, Маја, сподели преку „Фејсбук“ прекрасна (виртуелна) честитка за нејзиниот 81. роденден. Фотографијата сите ги и разнежи и воодушеви. Виолета е благо потпрена со раката покрај голем букет цвеќе и торта на која светат две свеќички во вид на бројот 81. Цело време, во заднина на сликата се слуша македонската хит-песна – „Ах, вие мои луди млади години“. Годините се тие. Виолета со радост ги носи и со радост се сеќава на младоста.
– Сите ќе остариме, никој млад не останал, сите сме само гости на овој свет. Дај Боже сите да ја дочекаме староста во здравје, веселба и со најсаканите – ни се довери големата естрадна дама, со право кажано една од првите три дами на македонската народна музика. Виолета, која сè уште прекрасно изгледа, токму така дамски, зад себе има долга богата пејачка кариера, која трае 67 години. Од пред некоја година таа е во пензија, но никогаш официјално не се откажа од пеењето и од сценските настапи.
– Песната и понатаму ми го осмислува секојдневието. Јас и дома знам да си запеам, така ми е поубаво на душата. Многу е битна поддршката од семејството, а јас од секогаш сум ја имала од сите нив. И тогаш кога ми беше најтешко, кога ми го открија канцерот. Но, нема да зборувам за тоа. Нити сакам да се сеќавам на тоа време. Било, поминало. Еве ме, уште сум и жива, здрава, распеана – ни вели одлично расположената Виолета.
Таа доби роденденски честитки со букети свежо мирисливо цвеќе од огромен број обожаватели, пријатели, роднини, почитувачи на нејзината песна, во холот на Македонската филхармонија, по завршениот настап на концертот во спомен на саканиот колега и пријател, Милан Завков.
Дуле МИЌИЌ












