По една година од започнувањето на обновата, Домот на културата „11 Октомври“ во Ченто денеска беше пуштен во употреба, во присуство на премиерот Христијан Мицкоски, министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, и градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски.
Овој дом повеќе од 40 години беше дувло каде што се случуваа девијантни појави, за кои реагираа жителите од оваа населба.
Објектот, кој е на површина од 1.000 квадратни метри, како што кажа Стефковски, ќе биде место што ќе ги обединува сите генерации жители. Во подрумот на објектот има „остава“, шминкерница, гардероби и тоалети, на приземјето има фоаје, билетарница, галерија, тоалети за лицата со посебни потреби, гледалиште, сцена и канцеларии, а на катот – библиотека, тоалети за лицата со посебни потреби, просторија за проекции и канцеларии.
– Домот е изграден според европски стандарди и е модерен, енергетски-ефикасен и целосно инклузивен – истакна Стефковски.
Тој нагласи дека на територијата на Општина Гази Баба во моментов се реализираат повеќе инфраструктурни проекти.
– Градинката во Трубарево е завршена и се очекува наскоро да биде пуштена во употреба. Со соодветна динамика се градат и двете детски градинки во Инџиково и онаа на просторот меѓу населбите Ќерамидница и Автокоманда. Воедно, се градат две спортски сали во Црешево и во Железара, а во септември ќе биде пуштено во употреба основното училиште „Крсте Мисирков“ во населбата Ченто. Исто така, се гради фекалната канализација во Јурумлери и многу проекти што се реализираат на почетокот од оваа градежна офанзива – рече Стефковски.
Министерот за култура и туризам, Љутков, нагласи дека е горд што е обновен овој објект во рекордно време, за само една година.
– Од запуштен објект стигнавме до репрезентативен дом, кој ќе ги отвори портите за сите чинители во уметноста. Министерството за култура и туризам располага со силна мрежа од 72 национални установи. И добро е што се градат вакви објекти, бидејќи на ваков начин се дисперзира културата и во општините. Се надевам дека со добра организација, овој објект ќе ги отвори вратите за голем број млади уметници, кои ќе може да создаваат и креираат нови уметнички изрази – изјави Љутков.
Тој додека дека низ државата се градат 16-17 вакви објекти и очекува во текот на годината да бидат отворени уште неколку.
Премиерот Мицкоски изрази задоволство што по една година се пушта во употреба реконструираниот Дом на културата во Ченто.
– За Општина Гази Баба, за културниот живот во Општина Гази Баба, ова ќе биде додадена вредност. Државата денес е големо градилиште. Се изведуваат повеќе од 1.000 проекти на различни локации. Нешто што, за нас, претставува навистина историско. Во првиот квартал од годината имаме реализација на капитални инвестиции што е поголема од 31-32 %, историски високо ниво и очекувам до крајот на годинава не само да ги реализираме туку и да го натфрлиме бројот на капиталните инвестиции – заклучи Мицкоски.
Реконструкцијата на објектот започна во февруари минатата година. Вкупната инвестиција изнесува 84.240.000 денари, обезбедени од Владата.
(А. П.)












