Своевиден одговор на граѓаните на она што го правеа партиите и кандидатите во текот на претходната дваесетдневна изборна кампања беше денешниот изборен ден, на осмите локални избори по ред. Црната кампања, острите и навредливите зборови, повиците за мобилизација, пораките дека гласањето ќе биде референдум против „другата страна“… сето она што можеше да ја вжешти и атмосферата меѓу граѓаните, сепак, не најде почва меѓу граѓаните. Тоа се почувствува и виде уште во раните утрински и претпладневни часови, на вкупно 3.474 гласачки места, кога имаше умерена излезност од запишаните 1.832.415 гласачи, но и кога се одвиваше гласањето во најдобар ред и без инциденти. Практично, граѓаните го направија изборниот ден во ден достоен на демократијата и на нивното право да го дадат својот глас за оние за кои сметаат дека заслужуваат да бидат општински градоначалници и советници. Такви ситуации забележа и нашата новинарска екипа на неколкуте гласачки места на подрачјето на скопската општина Центар. Во неа се водеше една од најнезивесните битки меѓу четворицата кандидати, секој убеден во својот успех. Во средното медицинско училиште „Панче Караѓозов“, околу 11:00 часот, воопшто немаше метеж, туку гласачите, во речиси опуштена атмосфера, се регистрираа кај избирачките одбори, земаа по четири гласачки ливчиња и гласаа.
– Сè беше во ред, без проблем. Со сопругата редовно гласаме и пак сме со надеж дека работите во Општината ќе бидат подобри. Јас сум некако сомничав, премногу се ветуваше во кампањата за да може да се оствари сето тоа за четири години. На гласачкото место беше мирно, немаше нервоза и нетрпеливост какви што ни ги внесуваа партиските лидери и кандидати во домовите. Така и треба да биде – ни рече еден граѓанин.
Слична атмосфера затековме и во основното училиште „Гоце Делчев“, лоцирано во срцето на оваа општина. И таму први за гласање беа повозрасните граѓани, кои веќе станаа нестрпливи за да се сменат некои работи во нивната околина, но и на подрачјето на целиот град.
– Се надевам дека по изборите ќе може да се исчисти градот, да не мора секој ден да гледаме натрупано ѓубре околу контејнерите и неисчистени улици. Дојдени сме до тоа главна желба да ни биде контејнерите за ѓубре да бидат редовно празнети. Нели е трагично тоа? – ни рече скопјанецот Страхил, кој живее во Градски ѕид.
А, на улиците во градот имаше иста слика како и во претходните недели и месеци. Некаде купишта ѓубре, некаде испразнети контејнери, зависно од тоа дали поминале или не екипите на градската „Комунална хигиена“ или општинските служби. Покрај нив, по улицата „Македонија“, по централниот скопски плоштад си врвеа граѓани, кои решија да го продолжат одењето на гласање со семејни прошетки, без какви и да е расправии со партиска и кандидатска тематика. Нормалноста на неделниот ден ја надополнуваа и странските туристи, но и новинарските екипи, кои се движеа по плоштадот, Камениот мост, кон Старата чаршија… Поминуваа и покрај бројните кучиња скитници насобрани пред спомениците кај црквата „Свети Димитрија“, за кои кандидатите во кампањата предлагаа решенија за да не бидат опасни за минувачите.
Граѓаните со сомнеж дека ќе има подобрување: Не може илјадници да валкаат, а еден да чисти
Прашуваме еден продавач на стари грамофонски плочи и на цедеа дали се надева дека ќе се подобри нешто во градот по гласањето. На лицето веднаш му се појави израз на разочарување.
– Нема шанси да се смени нешто на подобро. Не затоа што се малку четири години за да се направи нешто големо, туку за тоа што не може илјадници да фрлаат ѓубре, а еден да средува. Вака ќе биде сè додека сите не си го смениме односот – ни рече резигнирано тој.
Малку подалеку, во познатата Адвокатска улица, влеговме во основното училиште „Свети Кирил и Методиј“, каде што се неколкуте гласачки места на кои гласаат жителите од Центар, но и дел од Општина Чаир, во која, исто така, вчера се водеше голема изборна битка. На гласачките места 2820 и 2821, наменети за чаирските гласачи, имаше значително поголем одѕив од граѓаните.
– Дојдени сме за веќе да не го гледаме она што го гледаме со недели на улиците, да заврши оваа агонија. Отидете во близина, на паркингот кај споменикот на Скендербег и на плоштадот, ќе видите на што мислиме – ни рече една брачна двојка.
Таму, околу неколкуте нови контејнери, имаше цела депонија. Беше очигледно дека не се испразнети со денови. А, меѓу фрлените кутии, кеси… буричкаше еден граѓанин. Ни рече дека се вика Мустафа, дека има 57 години, дека е бездомник и дека не гласа. Спие во засолништето на Црвениот крст во Момин Поток, а прекуден собира стари предмети како чадори, чевли, торби по контејнерите за да ги продава потоа на Бит-пазар. Вели дека така прави за да заработи некој денар.
– Може ли да се живее од 5.000 денари што ги добивам? Ништо подобро не очекувам од политичарите. Многу пати по изборите барав помош од нив, а тие само ми кажуваа: „Оди кај тие другите“ – ни рече Мустафа додека се движевме кон Бит-пазар.
А таму, покрај булеварот „Крсте Мисирков“, погрда слика: уште поголеми депонии, кои чекаат да бидат расчистени. На тротоарот кај поранешната стоковна куќа „26 Јули“, прашуваме еден продавач на чорапи дали очекува да исчезне сликата со несобраното ѓубре по изборите.
– Ма како, не е можно тоа?! Не очекувам ништо подобро. Работам во државната „Македонски пошти“ и не сум примил плата, па морам вака да ја издржувам фамилијата – ни рече тој.
Надеж дека ќе се смени нешто откако ќе бидат избрани новите градоначалници немаше ни таксистот што чекаше муштерии на почетокот од Зелениот пазар, едвај десетина метри до редот од ѓубре што стои со денови.
– Ќе видиме што ќе биде по изборите, но јас, сепак, би Му се молел и на Господ да помогне да се промени нешто во градот – ни рече тој.
Во близина, пазарот си работеше, како секоја недела. Дел од граѓаните купуваа пакети со црвени пиперки за да стигнат да направат домашен ајвар и други домашни специјалитети. Малку кој од нив креваше глава кон билбордите на градоначалничките кандидати, кои ги имаше десетина на тој фреквентен простор.
Мобилизација на гласачите и на активистите во Чаир
Но, за разлика од почетокот на територијата на Општина Чаир, каде што се водеше решавачката битка во албанскиот политички блок, навлегувањето по населбите даваше и некоја друга слика. Штом навлеговме во населбата Серава, зад познатата Пластичарска улица, можеше да се почувствува некоја друга атмосфера. Додека се движевме кон гласачките места по улиците, во чајџилниците, околу продавниците, во работилниците, на детските игралишта… забележавме помали или поголеми групи насобрани мажи. Дел од нив беа во делот од населбата во кој доминираа плакати и транспаренти на еден кандидат, дел на другиот. Дали се работеше за партиски симпатизери, не можеше да се дознае. А, граѓаните од оваа тесна и прегусто населена населба, која во некои делови заличува на некои бразилски фавели, масовно одеа на гласање. Најголем дел гласаа во основното училиште „7 Март“, во близина на чаирска Гинекологија, а чиј влез вчера беше претворен во вистинска врволица. Влегуваа цели семејства, се носеа постари членови на семејствата, кои едвај одеа со бастун, патерици, а некои беа и во инвалидски колички. Пред гласачките места, веднаш се направија долги редици, поради што се чекаше и по десетина минути за гласање. Еден граѓанин во количка, со својот придружник, уредно си чекаше пред едно гласачко места, не обидувајќи се дури ни да побара да биде пуштен да гласа преку ред. Најдолгата редица беше пред гласачкото место 2877/1, на кое гласаа избирачите од улицата „Дижонска“.
– Чекаме, ќе дојдеме на ред. Само да биде подобро во Општината, оти има многу проблеми во неа. Кандидатите ни ветија многу, јас лично не верувам дека ќе може да го остварат сето тоа – ни рече еден чаирчанец.
Двајца граѓани ни пријдоа носејќи пусулче на кое беше напишан бројот на гласачкото место, прашувајќи нè каде се наоѓа. Сето ова што се случуваше на овие гласачки места оставаше впечаток дека се случува мобилизација на гласачите за во што поголем број да отидат да гласаат. Но, во целина, гласањето се одвиваше во ред и без поголеми проблеми, благодарение на односот на граѓаните.
– Уште сега, околу 13:00 часот, имаме одѕив од околу 30 отсто – ни рече членот на ИО од гласачкото место 2885.
Забележавме и екипа меѓународни посматрачи на ОБСЕ/ОДИХР, кои влегоа на одредени гласачки места за да видат како тече процесот на гласање. Вакви редици граѓани имаше и на гласачките места во основното училиште „Хасан Приштина“, но и таму гласањето се одвиваше без поголеми проблеми, а што покажуваше дека Чаир ќе биде една од општините со голем одѕив на гласањето.
Граѓаните, по гласањето, се враќаа кон домовите. Некои се упатија и кон Старата чаршија, на прошетка и да седнат во некој ресторан. Тие им се придружија на бројните странски туристи, кои и вчера ја обиколуваа оваа скопска знаменитост, која е меѓу оние што чекаат подобрување.
– За сите ќе биде подобро изборите овој пат да ни донесат подобрување, оти со вакви проблеми нема да може да очекуваме уште повеќе туристи. На тој начин, за сите ќе биде подобро – ни рече сопственикот на една продавница за сувенири. (Б. Ѓ.)