Вишиот изборен суд на Бразил ѝ наложи на компанијата „Мета“, да обезбеди еднаков третман за претседателските кандидати Луиз Инасио Лула да Силва и Флавио Болсонаро на платформите „Фејсбук“, „Инстаграм“ и „ВацАп“.
Одлуката доаѓа по претставката поднесена од изборниот штаб на Лула, во која компанијата се обвинува за користење алатки за вештачка интелигенција кои различно ја третираат содржината поврзана со двајцата кандидати.
Во четвртокот, на 15 октомври, судијата Марко Аурелио Белизе издаде налог со кој ѝ се забранува на „Мета“ да ја намалува видливоста на објавите на кандидатите, да го ограничува нивното појавување во резултатите од пребарувањето или да ги ограничува препораките на начин што би го ставил кој било од кандидатите во неповолна положба.
Според „Агенција Бразил“, компанијата би можела да се соочи со дневна парична казна од 500.000 бразилски реали – приближно 98.000 американски долари – за секој ден непочитување на одлуката.
Изборниот штаб на Лула тврди дека корисниците не можеле да генерираат слики од актуелниот претседател користејќи ги алатките за вештачка интелигенција на „Мета“, додека барањата за креирање содржина поврзана со неговиот противкандидат, Флавио Болсонаро – син на поранешниот претседател Жаир Болсонаро – биле обработувани без такви ограничувања.
Претставници од изборниот штаб на Лула ја обвинија компанијата дека го намалува досегот на објавите на претседателот и неговите поддржувачи, додека содржините и рекламите поврзани со Болсонаро допирале до непропорционално голем број корисници. Тие побараа итно укинување на овие ограничувања и преземање мерки за надоместување на изгубената видливост – вклучително и удвојување на досегот на објавите на Лула.
Судијата Белизе нагласи дека одлуката не се однесува на мислењата што ги изразуваат корисниците на социјалните мрежи, туку на обврската на платформата да обезбеди еднакви услови за сите кандидати.
Откако Работничката партија на Лула го пријави проблемот, од „Мета“ изјавија дека промовирањето на претседателските кандидати е забрането според правилата на бразилскиот изборен суд. Компанијата наведе дека вовела дополнителни ограничувања во однос на генерирањето слики од овие кандидати и промовирањето на нивните кандидатури.
„Во согласност со бразилските изборни правила, привремено го забранивме рекламирањето на кандидатите, како и генерирањето слики на кои тие се прикажани. Презедовме дополнителни мерки за да осигуриме дека такви слики нема да се генерираат, дури и како одговор на барања (промпти) што содржат само име на кандидат и неговиот број на гласачкото ливче“, соопштија од „Мета“.
Компанијата претходно призна дека техничките проблеми влијаеле и на кориснички сметки надвор од Бразил, но ги отфрли обвинувањата за пристрасност, тврдејќи дека ги почитува бразилските изборни прописи. Во четвртокот, компанијата не даде коментар во врска со новата судска одлука.
Лула и Флавио Болсонаро се натпреваруваат за претседателската функција пред вториот круг од изборите, кој ќе се одржи на 25 октомври. Во првиот круг, одржан на 4 октомври, Болсонаро освои 47 отсто од гласовите, додека Лула доби 45 отсто.












