Скенер поставен во Царинската филијала – Пошта со помош на вештачката интелигенција ќе помага во детекцијата на огнено оружје, дрога и на експлозиви евентуално поставени во поштенските пратки. Станува збор за донација од Канцеларијата на ОН за дрога и криминал, во рамките на проектот „Хермес 2“, чија цел е спречување на нелегалната трговија со огнено оружје и со експлозиви преку поштенски пратки во земјите од Западен Балкан.

Новиот скенер има капацитет за скенирање на стотици поштенски пратки во минута и, како што истакна директорот на Царинската управа, Бобан Николовски, е од големо значење во заедничката борба против тероризмот, спречувањето пролиферација на мало и лесно оружје и недозволена трговија со дрога.

– Годинава, во Царинската филијала – Пошта, каде што е поставен скенерот, поминале над 100 илјади пратки, што кажува за значењето што ќе го има оваа опрема врз контролата на поштенските пратки. На овој начин, службите ќе бидат насочени да извршат навремена и прецизна проверка на сомнителните пратки – истакна Николовски.

Тој притоа им се заблагодари на Канцеларијата на ОН и на донаторите Германија, Шведска, Холандија, Франција, Обединетото Кралство и Норвешка за севкупната поддршка во борбата против организираниот криминал.

– Поседувањето делови и компоненти од огнено оружје е кривично дело, согласно со Кривичниот законик. Еден од најчестите начини на шверцување оружје е преку испраќање нивни делови и компоненти во поштенските пратки. Со донацијата на скенерот, ставаме акцент на деловите и на компонентите преку вградена вештачка интелигенција, која ги препознава и ги детектира сомнителните пратки што содржат ваква стока. Истовремено, институциите работат на измени на Законот за кривична постапка, кои ќе овозможат употреба на посебни истражни мерка за делата поврзани со деловите и со компонентите на огненото оружје, со што би се овозможила употреба на симулирана достава и фаќање на сторителите на дело – рече Киро Цветков, програмски офицер на Канцеларијата на ОН за дрога и криминал.

Директорот на АД Пошта, Орхан Куртиши, се заблагодари за обуката низ која поминале службите што ќе работат на скенерот, при што особено ја нагласи важноста на скенерот за навремено откривање на пратките со забранети супстанции.

ИЗДВОЕНИ