
Потпретседателот на САД, Џ.Д. Венс, вели дека сите опции се на маса кога станува збор за Иран, додавајќи дека нема да има преговори сè додека продолжуваат нападите на Иран врз бродовите во Ормускиот теснец.
Тој рече дека тие опции вклучуваат економски притисок, воен притисок, дипломатски притисок и „таен“ притисок, објави „Ен-би-си њуз“.
Кога го прашале кога ќе заврши војната, Венс рекол дека „треба да ги прашате Иранците“.
„Кога прашувате кога ќе заврши, ми поставувате прашање како кога Иранците ќе престанат да пукаат врз бродови? Мислам дека реалноста е дека не го знам одговорот на тоа прашање. Би морале да ги прашате Иранците“, рече Венс.
На прашањето дали војната ќе биде суспендирана до среднорочните избори во Соединетите Американски Држави, Венс го избегна одговорот, велејќи дека „не би ја нарекол војна“.
„Не би ја нарекол војна. Во моментов нема воени операции“, рече Венс.











