Париската полиција воведе нов полициски час во одредени делови од главниот град, кој ќе важи од 23:00 часот вечерва до 06:00 часот утре наутро, соопшти денеска Полициската префектура на Париз.
Ограничениот полициски час, воведен во француската престолнина по насилните протести минатиот викенд, ќе остане на сила вечерва и би можел да продолжи онолку долго колку што е потребно, наведе Полициската префектура на Париз на платформата „Икс“ (X), пренесува телевизијата БФМ (BFM TV).
Полицискиот час трае од 23:00 до 06:00 часот и првенствено ги опфаќа областите околу плоштадот „Република“ (Place de la République) и квартот „Ле Ал“ (Les Halles) во првиот арондисман, во центарот на Париз.
Француските власти воведоа полициски час за сите граѓани во одредени делови на Париз – конкретно, на плоштадот „Република“ и на улиците околу квартот „Ле Ал“ во првиот арондисман. Мерката е донесена по немирите што избувнаа за време на викендот, на маргините на протестите што се одржаа низ цела Франција.
Заменик-градоначалникот на Париз, Емануел Грегоар, вчера изјави дека насилството, грабежите и палењето јавни објекти во Франција ќе продолжат сè додека владата не понуди политички одговор на кризата. Обраќајќи им се на граѓаните собрани пред Градското собрание, тој истакна дека е неопходно да се изготви план и да се започне дијалог со средношколците и студентите, кои во последните недели протестираат низ целата земја, барајќи поголеми инвестиции во образовниот систем, пренесува весникот „Ле Фигаро“ (Le Figaro).
Бранот масовни протести во Франција започна кон средината на септември како локален штрајк и бунт на ученици и наставници во едно средно училиште во сиромашно париско предградие; немирите беа предизвикани од лошите услови во образовниот сектор, хроничниот недостиг на наставен кадар, пренатрупаните училници и дотраените училишни згради.
Протестите се проширија во средните училишта и на универзитетите низ целата земја, проследени со масовни блокади и судири со полицијата. Кон демонстрациите се приклучија синдикати, родители и активисти од поранешното движење „Жолти елеци“; На првичните барања за образовна реформа набрзо им се придружија масовни улични протести против високите трошоци за живот, растот на цените на горивата и владините мерки за штедење, пренесува „Танјуг“.












