четврток, јули 9, 2026
Дома СВЕТ Вашингтон ја менува политиката: САД нема да „градат држави“ на Балканот, туку...

Вашингтон ја менува политиката: САД нема да „градат држави“ на Балканот, туку ќе прават партнерства

647

Во извештајот на Стејт департментот до Конгресот за политиката кон Западен Балкан, „регион од директно значење за безбедноста и за економските интереси на САД“  е  наведено дека „ерата на градењето држави на Балканот предводена од САД е завршена. Политиката на САД на Западен Балкан не е насочена кон спасување или реконструкција, туку кон стабилност и меѓусебно корисни партнерства“, се наведува во „извештајот до Конгресот за политиката на САД за промовирање регионална стабилност и просперитет на Западен Балкан“

 

Во извештајот, нарачан од Конгресот и објавен на веб-страницата на Стејт департментот, се наведува дека напорите на САД ма Западен Балкан придонеле за создавање стабилност, што ги поставило темелите за „различна форма на американско ангажирање“.

Во него се наведува дека американската администрација е фокусирана на овластувањето на локалните актери да ги решат сопствените предизвици наместо да одржува прекумерна зависност од меѓународна интервенција или надзор, додека САД се подготвени да обезбедат поддршка таму каде што е пожелно нивното вклучување и каде што ги унапредуваат своите интереси.

 

Во него се објаснува дека промовирањето на стабилноста и унапредувањето на економските интереси на САД на Западен Балкан ги прави САД „побезбедни, посилни и попросперитетни“ и дека долгорочната политика на САД во регионот е насочена кон проширување на партнерствата, спротивставување на заканите што влијаат врз стабилноста на САД и на регионот и зголемување на економската и на трговската соработка.

 

– Злонамерните актери може да ја искористат регионалната нестабилност на штета на американските интереси. Американските инвестиции на Западен Балкан во текот на изминатите неколку децении дадоа опипливи резултати, вклучително и силни и позитивни односи со сите шест земји: Албанија, Босна и Херцеговина (БиХ), Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија – се додава во него.

 

Покрај регионалната стабилност, спротивставувањето на злонамерното влијание на Русија и на Кина и зајакнувањето на економската и на трговската соработка, во извештајот како клучни приоритети се наведуваат и инвестициите во енергетиката и во инфраструктурата, борбата против организираниот криминал и зајакнувањето на безбедносната соработка.

 

– Главниот столб на политиката на администрацијата е одржување на стабилноста во регионот како предуслов за постигнување други цели – се нагласува во извештајот, додавајќи дека Соединетите Американски Држави се фокусирани на развивањето позитивни односи со сите актери во регионот и, во овој контекст, планираат да се вклучат во дијалог со Северна Македонија и со Србија оваа година.

 

Се нагласува дека нерешените спорови и долготрајните поделби ја поткопуваат регионалната стабилност.

 

Во овој контекст, Соединетите Американски Држави продолжуваат да ги охрабруваат Србија и Косово да продолжат со нормализирање на односите, со цел постигнување договорен и траен договор прифатлив за двете страни.

 

Во извештајот, исто така, се наведува дека ќе продолжат безбедносната и одбранбената соработка со Србија „на начини што ги унапредуваат американските интереси“.

 

Во врска со Косово, се наведува дека вооружените сили на САД продолжуваат да учествуваат во мисијата на НАТО КФОР во Косово, што е клучна компонента во обезбедувањето безбедна и сигурна средина и слобода на движење во Косово, и продолжуваат да ја поддржуваат трансформацијата на мултиетничките косовски безбедносни сили во професионална територијална одбранбена сила.

 

Извештајот ја наведува конкуренцијата за американските комерцијални интереси во регион што нуди економски можности како втор столб на политиката на САД кон Западен Балкан.

 

Со население од 18 милиони, регионот се наоѓа на важни транспортни коридори, има природни ресурси, растечки технолошки сектор и квалификувана работна сила. Во соработка со владите, САД ќе ги охрабрат локалните напори за подобрување на деловното опкружување, намалување на регулаторните бариери, зајакнување на спроведувањето на договорите и обезбедување транспарентни процеси на јавните набавки што им користат на американските компании, се вели во него.

Администрацијата на САД ѝ дава приоритет на соработката со партнерите за зајакнување на механизмите за проверка на инвестициите што ја штитат критичната инфраструктура од предаторски странски преземања. За да се постигнат овие цели, Стејт департментот ќе соработува со Министерството за трговија, Меѓународната корпорација за развој и финансирање, Банката за извоз и увоз, Агенцијата за трговија и развој и со други институции за да идентификува, развива и унапредува договори што им користат и на американските компании и на американската економија.

ИЗДВОЕНИ