Ракометарите на Вардар со пет победи ја завршија групната фаза во Европската лига, откако во последното коло на домашен терен го победија Тулуз (37:35). Сè беше јасно за „црвено-црните“ и пред мечот, а се реши и последната дилема. Во главната фаза вардарци одат со два бода откако Кристијанштад го победи дома Сесвете во драматичен финиш (28:27).
Во главната фаза Вардар и Кристијанштад ќе вкрстат со Мелсунген и Бенфика. Екипата на Мелсунген се соочи со Бенфика во последното коло од групната фаза и ја продолжи серија без пораз во Европа. Бундеслигашот славеше во Португалија (30:26) и пренесува четири бода во следната фаза поради двете победи над Бенфика. Бодовите кои се пренесуваат се од меѓусебните дуели на тимовите кои одат понатаму од групата.
„Одигравме уште еден добар меч со Тулуз, екипа која е по мој вкус, сака да трча и да се бори и не се предава. За мене од две причини натпреварот беше многу важен. Знаев каков е менталитетот на противничкиот тренер и знаев дека нема да се предадат, иако не им значи средбата. Тие дојдоа тука да победат и да се борат, а така и беше. Не бев задоволен од мојата екипа во првиот дел. Немавме енергија во одбрана, ама играњето во Европа не дозволува опуштање. Затоа во продолжението го кренавме темпото, публиката и сето тоа кога се спои направивме доволно за победа и нови два бода“, изјави средбата тренерот на најтрофејниот македонски клуб Иван Чупиќ.
Веќе е познат и распоредот на натпревари напролет, кога ќе се води битка за место на завршниот турнир во мај.
Распоред на Вардар 1961 во главната групна фаза на ЕЛ: 17/02.2026 – Вардар 1961 – Мелсунген, 24.02.2026 – Бенфика – Вардар 1961, 03.03.2026 – Вардар 1961 – Бенфика, 10.03.2026 – Мелсунген – Вардар 1961.
Вардар до крајот на годинава ќе игра уште неколку натпревари во домашното првенство, меѓу кои и оној следната среда во Битола против Еурофарм Пелистер. Натпреварите од Европската лига продолжуваат во февруари.












