Македонскиот ракометен вицешампион, екипата на Вардар, е пред најголемиот предизвик сезонава: обезбедување пласман во нокаут-фазата во ЕХФ Европската лига. За таа цел, „црвено-црните“ ќе мора да ја победат Бенфика на свој терен во СЦ „Јане Сандански“, меч што почнува денеска во 20:45 часот.

Вардарци го пречекуваат португалскиот тим на меч од 3. коло на втората фаза. Ова е натпревар од третата група, во која двата тима имаат по два бода помалку од лидерот Мелсунген. На првиот натпревар, португалскиот состав славеше со лесна победа со пет разлика (40:35).

Доколку сака успех, тимот на Вардар ќе мора добро да ја стегне одбраната, а сето тоа му е јасно и на тренерот Иван Чупиќ.

Исто така, неизвесен е и настапот на Јака Малус, кој изминативе денови е надвор од тренажниот процес, поради повреда.

  • Со или без Јака, мора да го дадеме максимумот за да ја добиеме Бенфика. Се надевам дека ќе оставивме добра слика и ќе запишеме победа. За да ја исполниме целта, мора да ја минеме главната фаза. Ќе дадеме 300 %, па што биде нека биде. Ако ја поминеме оваа група, ќе нè чекаат нови, тешки натпревари. Немаме луксуз да избираме, во оваа Европска лига, особено во главната фаза, не можеш да гледаш со потценување кон ниту еден противник – изјави тренерот Чупиќ.

Инаку, билетите за овој ракометен спектакл во „Јане Сандански“ се движат од 250 до 350 денари, во зависност од седиштето.

ИЗДВОЕНИ