Со наградата за најдобра фестивалска интерпретација, која гордо го носи неговото име, му се оддава особена почит на великанот Бадев чие творештво останува запишано во музичката и културната меморија на секој Македонец
Никола Бадев е роден на 8 август 1918 година, во кавадаречкото село Глишиќ, во земјоделско семејство. На неполни десет години почнал да свири на виолина, во што му помогнал неговиот вујко, Васил. Во годините на младоста го засакал и фудбалот, играјќи како десно крило во ФК „Југославија“. Пред тоа, војска служел во Кралството СХС. Млад се оженил со саканата Милица, а од тој брак им се родиле децата Сузана, Ристо и Роска. По завршувањето на Втората светска војна, се вработил како санитарен хигиеничар во Кавадарци. Меѓутоа, кај него победила љубовта кон песната и музиката. Неговите три деца се сеќаваат дека тој бил човек со златен глас, амбасадор на македонската песна. Засекогаш ќе останат да се слушаат песните што ги испеал тој, било сам било во дуетите со Виолета Томовска, Есма Реџепова, Анка Гиева, Александар Сариевски, Васка Илиева.

Легендарниот Бадев снимил над 500 песни и тешко е да се сетиме на сите, но секако дека ги паметиме и пееме на свадби, родендени, седенки: „Параходот ми пристигна“, „Тешка беше нашата разделба“, „Ајде дали знаеш, Милице“ (најомилена песна во семејството), „Стани, моме, да заиграш“, „Песна за Деспина“, „Ој Јано, Јано“… Eтномузикологот Васил Хаџиманов бил воодушевен од него, па му препорачал да почне со професионална кариера, и како пејач и како инструменталист на тамбура. Набргу станал член на Народниот оркестар, а подоцна бил и негов раководител. Забележан од истакнатите етномузиколози, Бадев за кратко време бил дел од државниот ансамбл за народни песни и игри „Танец“.

Оваа година, кога се навршуваат 50 години од неговата смрт, од заминувањето во вечноста (на 25 септември 1976 година), „Фолк-фест-Валандово 2026“ ќе има посебен омаж за него. Наградата за најдобра интерпретација, која гордо го носи неговото име, ќе ја додели неговата ќерка, Роска Бадева. Токму по тој повод, „Фолк-фест Валандово 2026“ ќе му оддаде особена почит на великанот чие име остана запишано во музичката и културната меморија на секој Македонец.
Наградата за најдобра интерпретација има особена тежина, затоа што ги вреднува убавината на изведбата, чувството, достоинството и способноста песната да биде донесена до публиката со вистинска емоција, бидејќи гласот на Никола Бадев беше глас што не се заборава. Во неговото пеење имаше топлина, болка, радост, спокој и осет за песна каков што имаат само големите светски пејачи. Тоа е глас што останува препознатлив по длабочината, по достоинството и по начинот на кој ја носеше песната до слушателот.
Затоа наградата што го носи неговото име е едно од најзначајните признанија на валандовската фестивалска сцена. Таа награда му е посветена на пејачот што најубаво ќе ја пренесе песната, ќе ѝ даде живот на композицијата и ќе ја доближи до слушателот со искреност, чувство и вокална убедливост.
Во знак на особена почит, наградата „Никола Бадев“ за најдобра интерпретација на сцената на „Фолк-фест Валандово 2026“, која ќе ја додели неговата ќерка, Роска Бадева, ќе биде свечена, емотивна и длабоко симболична, како вистинско потсетување дека македонската песна има корен, паметење и луѓе што ја задолжиле.

Со овој чин, „Фолк-фест Валандово“ уште еднаш ја потврдува својата улога на фестивал што ја чува исклучителната вредност на оние имиња што ја создавале големината на македонската народна музика. Поради таквите имиња, какво што е името на Никола Бадев, македонската песна никогаш нема да згасне. Се пренесува од колено на колено. Да ни е вечно жива и распеана!
(Д. М.) фото: архива












