Шестгодишно момче уби новородено бебе откако слободно „шетало“ низ породилното одделение на болницата, и покрај поплаките од другите родители. Полицијата започна кривична истрага по трагедијата во детската болница „Жан де Фландр“ во северниот француски град Лил, објави „Дејли меил“.
Бебето, по име Зајнеб-Касандра, е родено предвреме во 7,5 месеци бременост од 23-годишна мајка на почетокот на месецот и таму е прогласено за мртво во вторник. Таа претрпела тешки оштетувања на мозокот минатиот петок откако момчето наводно ја испуштило на подот, „третирајќи ја како кукла“, изјавил извор близок до истрагата.
Момчето било пронајдено само со безживотното бебе во неонаталната единица. Бебето било прво дете на неговата мајка и е родено со царски рез, изјавил извор од истрагата.
„Породувањето поминало многу добро, но девојчето било предвреме родено и било префрлено во неонаталната единица, додека мајката останала во породилното одделение. Немирното дете, син на друга мајка која исто така била во породилното одделение, во меѓувреме било видено како се движи низ болницата без надзор“, рекол изворот.
Бабата на Зајнеб-Касандра изјавила за весникот „Ла Воа ди Норд“: „Момчето доаѓало во седум часот наутро и трчало по ходниците цел ден. Сите мајки се жалеле, а една од медицинските сестри дури и ја предупредила мајката на момчето дека има проблем. Одел и во собите на други луѓе. Влегол и во собата на Зајнеб за прв пат. Рече дека изгледа како кукла, а мојот сопруг, кој бил таму, го извадил“, рекла таа.
Минатиот петок, додека мајката на Зајнеб ги потпишуваше документите за отпуштање, „одеднаш семејството доби повик од надзорникот на одделението, кој рече дека мора веднаш да дојдат – едно мало момче си играше со бебе, кое паднало“.
Според семејството, кое се повика на друга мајка од соседната соба, „се слушнал силен удар“ кога бебето паднало со главата на подот.
Зајнеб била пронајдена во несвест на подот, покрај шестгодишно момче кое седело на стол.
„Се чини дека се обидел да ја зграби за пелената и таа паднала со главата“, рекла бабата на Зајнеб.
Бебето било итно префрлено на интензивна нега, но во вторник било прогласено за мртво поради тешки повреди на мозокот. Истрагата ја отворила Полициската единица за малолетничка правда во Лил во соработка со локалното обвинителство.
„Истрагата е во тек“, изјавил портпаролот на обвинителството во Лил.
Болницата, исто така, објавила внатрешна административна истрага.
Портпаролот на болницата изјавил: „Оваа човечка трагедија длабоко ги потресе персоналот и тимовите на Детската универзитетска болница во Лил, како и другите присутни семејства“.