среда, февруари 25, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Уставниот суд не поведе постапка за оспорените измени на пензискиот закон, надворешните...

Уставниот суд не поведе постапка за оспорените измени на пензискиот закон, надворешните пензионери оставајќи ги без покачување

558

Околу 12.000 македонски пензионери што живеат во странство се најдоа во неизвесност поради измените на Законот за пензиско и инвалидско осигурување од септември 2025 година. Според овие измени, на пензионерите надвор од Македонија нема да им биде исплатено покачувањето од 1.000 денари за март 2026 година. Пензионерите во државава ќе го добијат ова покачување, што го отвора прашањето за еднаквост и дискриминација.

Но, мнозинството уставни судии на денешната седница, според образложението на претседателот на Уставниот суд, д-р Дарко Костадиновски, донесоа одлука да не се поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на измените на Законот за пензиско и инвалидско осигурување, поточно на членот 37 став 1, со кој, за линеарното зголемување од март минатата година, се додаде условот „пензијата да се исплаќа во Република Македонија“.

Имено, до Судот беа поднесени пет иницијативи со кои се оспоруваат измените, наведувајќи дека тие создаваат нееднаквост и дискриминација меѓу пензионерите во државава и оние во странство, иако сите имаат исти пензиски права врз основа на уплатените придонеси.

Костадиновски посочи дека одлуката на мнозинството судии е спротивна на прелогот на уставниот судија известител Осман Кадриу кој предложи да се поведе постапка. Кадриу рече дека петте подносители на иницијативите за оценка на уставноста на измените на пензискиот закон со кои се оспоруваат посочените одредби (член 1 и член 3) со кои се воведе новина – зголемувањето на пензиите да важи само за пензионерите во земјава.

– Сериозни беа наводите во иницијативите со кои се доведува во прашање уставноста. Јас дадов извештај и нагласив дека овие одредби се во директна спротивност со устанот, се дискриминирачки и со нив се вршат поврди на меѓународните одредби од Европската комисија. Исто така, на овие нерезидентни пензионери им се врши финансиска штета  со неисплатата и е доведена во прашање правната судбина на тие пензионери – образложи Кадриу пред новинарите.

По Кадриу, Костадиновски ги образложи клучните аргументи на мнозинството уставни судии, според кои, пензионерите кои ја примаат пензијата во Република Македонија и тие што не ја примаат во Република Македонија, се во иста правна состојба, но не се во иста фактичка состојба.

– Уставниот суд цени дека не се повредени правната и фактичката состојаба , Правната состојба им е идентична, но фактичката не е. Вториот аргумент е дека оваа мерка апсолутно е социјална мерка и има таква природа и цел – образложи Костадиновски.

До Судот беа поднесени пет иницијативи со кои се оспоруваат измените, наведувајќи дека тие создаваат нееднаквост и дискриминација меѓу пензионерите во државава и оние во странство, иако сите имаат исти пензиски права врз основа на уплатените придонеси.

Подносителите – меѓу кои и граѓани што живеат во странство, како и Народниот правобранител – тврдат дека со ваквите одредби се врши дискриминација врз основа на местото на исплата на пензијата и се создава нееднаква положба меѓу пензионерите. Според нив, правото на пензија е стекнато врз основа на уплатени придонеси, а не според местото на живеење.

Подносителот на иницијативата Игорчо Точев од Скопје во иницијативата наведува дека одредбата предизвикува дискриминација, бидејќи ја ограничуваат исплатата на зголемување за 2.500 денари само на пензионерите кои ја примаат пензијата во Македонија, но не и на пензионерите кои ја примаат пензијата во странство. Според наводите, ирелевантно е каде пензионерот ја прима пензијата, бидејќи тој добива пензија заради остварената старост, а не географска локација каде што живее.

Подносителот на иницијативата Љубомир Сандевски со живеалиште во Словенија тврди дека со оспорените измени се врши дискриминација и трајно финансиско оштетување на осигурениците на Фондот на ПИОСМ кои се државјани на Република Северна Македонија и на кои пензиите им се исплаќаат надвор од државата, бидејќи нема да го добиваат редовното усогласување на пензиите во иднина, вклучително и усогласувањето на пензиите од март 2025 година. Се наведува дека државата го ускратува стекнатото право и своеволно без уставна надлежност Собранието ги донело измените кои прават дискриминација и категоризација на пензионери кои пензиите ги примаат во Македонија и пензионери кои живеат надвор од државата, без да се земе предвид фактот дека пензиите се стекнати врз основа на придонесите кои ги уплаќале во текот на работниот век, а не според географската локација каде што ги примаат пензиите.

Според подносител на иницијативата Темелко Ристески од Скопје со оспорените делови се создава нееднаквост меѓу пензионерите, бидејќи иако имаат ист „статус” на пензионери, сепак се оневозможува усогласувањето да се применува за сите поеднакво. Подносителот тврди дека на овој начин индиректно се ограничува слободата на движење на околу 12. 000 пензионери, како едно од уставно гарантирани права.

Подносителот на иницијативата Kире Батев со живеалиште во СР Германија смета дека со оспорениот закон е направена дискриминација на пензионерите кои живеат во странство а не им се исплаќа линеарното усогласување на пензиите. Дополнително, тој тврди дека целиот работен век го остварил во Македонија и поради лични причини живее со децата во странство, за што наведува дека социјалното и пензиско осигурување редовно го уплаќал во матичната држава .

И Народен правобранител на Македонија има поднесено иницијатива по поднесени повеќе барања од граѓани. Во иницијативата наведува дека до него се обратиле повеќе граѓани кои се засегнати за нивните права од областа на пензиското и инвалидското осигурување, како корисници на правото на пензија од Република Северна Македонија, кои живеат надвор од земјата. Се тврди дека се изземени од исплатата на предвидените покачувања на пензиите, па поради тоа укажуваат на дискриминација и нееднаква положба со другите корисници кои живеат во државата.Од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување потсетија дека постапуваат според важечкиот Закон, додавајќи дека пензионерите во странство веќе го добиле првото покачување од 500 денари во септември 2024 година. Фондот истакнува дека ќе ги почитува сите идни одлуки на надлежните институции, вклучително и конечната одлука на Уставниот суд, која ќе биде клучна за тоа дали ќе ги добијат пензионерите најавените средства.

Комисијата за заштита од дискриминација пред три месеци даде мислење за индиректна дискриминација на македонските пензионери кои живеат надвор од државава, а кои не го добија мартовското линеарно покачување од 2.500 денари. Мислењето на Комисијата е обврзувачко, односно таа го задолжи Министерството за социјална политика во рок од 180 дена да го измени спорниот член од Законот за пензиско и инвалидско осигурување со кое им се оневозможува парите да им легнат на сметка.

Иако го почитуваат мислењето на Комисијата за заштита од дискриминација, сепак, во Министерството за социјална политика ќе ја чекаат одлуката на Уставниот суд и потоа ќе се одлучува дали ќе се подготвуваат законски измени, како што пишува во мислењето на Комисијата.

(С.Бл.)

ИЗДВОЕНИ